Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, ја затвори 113. седница откако пратеничката група на ЗНАМ побара пауза поради злоупотреба на процедурите, што го проби предвиденото работно време

Денешната седница која беше посветена на поставување пратенички прашања заврши предвреме откако по неколкуте прекини, координаторот на пратеничката група на движењето ЗНАМ, Бобан Карапејовски, побара нова едночасовна пауза поради тоа што како што рече, правото на процедурална забелешка во текот на денот било апсолутно злоупотребено, што довело до непотребно кревање на тензиите и политизирање на целата работа во Парламентот. Поради ваквото барање, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, констатираше дека со паузата ќе се излезе надвор од рамките на редовното работно време кое трае до 18 часот, по што официјално ја затвори седницата.
„Со оглед на тоа што ќе навлеземе над времето предвидено за одржување на седници тука ја завршувам седницата“,
рече Бендевска.
На затворањето му претходеше едночасовна пауза која беше дадена во 16 часот, бидејќи пратеничката од Албанска Лига, Илире Даути повеќепати бараше збор за процедурална забелешка, со што, според Бендевска, трипати го прекршила членот 98 од Деловникот. Иако раководството на Собранието информираше дека Даути веќе добила одговор на своето прашање и дека претпладневните недоразбирања се решени, таа продолжи да инсистира, по што следуваше јавна опомена до неа со образложение оти таа грубо манипулира со институтот процедурална забелешка и дека со тоа го повредува уставното право на останатите пратеници да поставуваат прашања до присутните министри.
До ваквиот расплет дојде откако во текот на денот, Илире Даути, заедно со лидерот на нејзината партија Зијадин Села, ја блокираа седницата по нејзиното инсистирање дека седницата мора да се прекине доколку премиерот Христијан Мицкоски не ѝ одговори писмено на прашањето поврзано со Предлог-законот за правична застапеност, а поради одбивањето на пратеничката да ја напушти говорницата и поддршката од Села, собраниското раководство најпрвин даде половина час пауза за смирување на страстите.
Во текот на целиот ден прашање до премиерот успеа да постави само еден пратеник, лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
