Кратко по земјотресот, во трговскиот центар „Еон“ во префектурата Кумамото се случила експлозија во која, според противпожарните служби, многу луѓе останале заробени. Според извештаите на локалните медиуми, околу 20 до 30 работници во трговскиот центар се водат за исчезнати. Причината за експлозијата засега е непозната
Најмалку 50 лица се повредени, а десетици се водат за исчезнати во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, што денеска ја погоди Јапонија. Потресот се случи во префектурата Кумамото на јужниот остров Кјушу, прекинувајќи ја електричната енергија во илјадници домови и оштетувајќи патишта, мостови и згради.

Кратко по земјотресот, во трговскиот центар „Еон“ се случила експлозија во која, според противпожарните служби, многу луѓе останале заробени. Според извештаите на локалните медиуми, околу 20 до 30 работници во трговскиот центар се водат за исчезнати. Причината за експлозијата засега е непозната.
Освен во трговскиот центар, за исчезнати се водат и неколку лица во фабрика за хартија во регионот.
По земјотресот, властите затворија повеќе од 150 објекти во Кумамото меѓу кои училишта, општински центри, спортски сали и библиотеки. Затворени се и туристички локации како Музејот на современа уметност и повеќенаменскиот спортски стадион со капацитет од 15 000 места.
Премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, изјави дека властите сè уште ја проценуваат штетата во областа, која беше опустошена и од друг смртоносен земјотрес пред една деценија.
„Веќе сме информирани дека има повредени луѓе. Во некои области се случија прекини на електричната енергија и пожари, а имаше и оштетувања на патишта и мостови и уривање на згради. Ги молам сите да преземат мерки за да се заштитат себеси, вклучително и евакуација на безбедна локација“,
изјави јапонската премиерка.
Земјотресот во јужната префектура Кумамото првично беше проценет на магнитуда од 7,1 степен според Рихтеровата скала, но проценката подоцна е ревидирана на 6,8 степени.
