Законот за правична застапеност чека претседателот на Собранието Африм Гаши да го стави на гласање. За да помине овој закон, потребен е мал Бадентер, односно мнозинство од присутните пратеници од етничките заедници
Нема да дозволиме да помине законот за правична застапеност, рече денеска од прес-салата на Собранието пратеникот на ДУИ, Илир Хасани, кој обвини дека овој закон, како и некои други, чека да биде прошверцуван.

„Ние сме упорни во заштита на нашиот концепт дека тој закон не треба да помине и дека ние како опозиција имаме Бадентерово мнозинството, така што законот за правична застапеност во моментот е закачен зад врата и чека момент на контрабандирање, што јас мислам дека нема да го дозволиме, како што не го дозволивме досега. Ако претседателот на Собранието го стави на дневен ред, ние ќе го надгласаме, односно тој закон нема да помине“,
рече Хасани.
Законот за правична застапеност чека претседателот на Собранието Африм Гаши да го стави на гласање. За да помине овој закон, потребен е мал Бадентер, односно мнозинство од присутните пратеници од етничките заедници.
Од владејачката партија Влен велат дека со блокирањето на овој предлог-закон, ДУИ дејствува спротивно на Охридскиот рамковен договор.
