ДУИ го смета предлог-законот за правична застапеност за текст без правни гаранции и ефикасни механизми за имплементација, што го поткопува принципот на правична застапеност на Албанците што произлегува од Охридскиот договор
Со блокирање на предлог-законот за правична застапеност, Демократската унија за интеграција (ДУИ) директно се спротивставува на еден од клучните принципи на Охридскиот рамковен договор, велат денеска од владејачката партија Влен.
Според Дритон Сулејмани од Влен, нереформираното раководство на ДУИ, по преминувањето во опозиција, носи одлуки што се спротивни на интересите на Албанците.

„Во Мала Речица скроиле опасен план. Сакаат да направат филм дека албанските права се загрозени само затоа што ДУИ не е во Владата. За нив, очигледно, Албанците имаат права само кога тие се на власт и кога нивните луѓе седат во фотелји. Корумпираното раководство на ДУИ не може да им прости на мнозинството Албанци што ги пратија во опозиција. Па, сега решиле да им се одмаздуваат токму ним блокирајќи закон со кој правичната застапеност треба трајно да се гарантира“,
рече Сулејмани.
Според него, во ДУИ се прочитани и ако продолжат да го блокираат законот уште долго ќе останат во опозиција.
„Народот одамна им ја знае шемата. Зад полната уста патриотизам останаа само обични тендераши, кои се борат за функции, привилегии и шанса повторно да ги полнат сопствените џебови. Албанците еднаш веќе им ја покажаа вратата. Ако продолжат да го блокираат законот и да одат контра Охридскиот договор, ќе останат во опозиција уште многу долго“,
изјави Сулејмани.
ДУИ го смета предлог-законот за правична застапеност за текст без правни гаранции и ефикасни механизми за имплементација, што го поткопува принципот на правична застапеност на Албанците што произлегува од Охридскиот договор.
