Опозициската партија обвинува дека предупредувањата на претседателот на партијата, Венко Филипче, се оствариле и дека надлежните криеле податоци заради политички поени и реагирале предоцна на заразата
Признанието на министерот Клековски оти алармот и „црвените светла“ се вклучиле доцна е јасен доказ дека кадрите на власта не вршеле никаква контрола во Гостивар, со што директно дозволиле појава и ширење на жолтица, обвинуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по изјавата на министерот за здравство Сашо Клековски дека акутната фаза на епидемијата во Гостивар се смирува и дека сега фокусот се става на навремено откривање на хепатит А и Е.

Според опозициската партија, ваквото сценарио уште минатата недела го најавил лидерот на партијата, проф. д-р Венко Филипче, кој јавно предупредил дека власта не знае како да управува со кризни ситуации и велат оти Клековски не поседува ниту стручност ниту знаење за да се носи со ваква сериозна здравствена закана.
„Прво ја доведоа до оваа точка. Потоа ги криеја податоците и ја префрлаа одговорноста заради политички поени. Сега ќе доведат до сериозни последици за здравјето на жителите на Гостивар“,
велат оттаму.
Дополнително, велат дека нестручното менаџирање ќе доведе до сериозни последици по здравјето на жителите на Гостивар и оти политичките гласови и личните интереси на владејачкото мнозинство им се секогаш поважни од животот на луѓето.
„Тоа е организираната криминална група која мисли само на своите тендери, а не на граѓаните. Тоа се тие прочуени тендер-патриоти“,
заклучуваат од СДСМ.
Претходно денеска, на прес-конференција, министерот за здравство Сашо Клековски рече оти акутната фаза на епидемијата во Гостивар е во смирување и упати апел до матичните лекари и здравствените институции, фокусот да го стават на постакутната фаза, односно да се следи евентуална појава на хепатит А и Е, меѓутоа и на други заразни болести кои може да се јават на „опашката“ на гостиварската епидемија.
