Според партијата, тој претходно имал ставови против употребата на името Северна Македонија, најавувал укинување на Преспанскиот договор и застапувал позиција за членство во Европската Унија без право на глас, додека сега за залага за полноправно членство
Во поткастот, осврнувајќи се на барањата од Европската Унија, Мицкоски рече дека во целиот процес работите мора да се постават принципиелно и без двојни стандарди, а дополнително, како што рече, исто како што претходната македонска влада презела одредени обврски кон Брисел, така и Бугарија има преземено обврски за почитување на човековите права
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска реагираат на синоќешното интервју на премиерот Христијан Мицкоски обвинувајќи го дека во него зборува за принципи, а неговите ставови се менувале низ годините.
Премиерот во гостување во гостување во поткастот „Риштази“ на новинарот Назим Рашиди рече дека уставните измени во формата во која сега се бараат нема да се случат и додаде оти во целиот процес работите треба да се гледаат принципиелно.

„Мицкоски синоќа цело интервју зборуваше за принципи. За какви принципи зборува човек кој лаже цело време“,
се наведува во партиската реакција.
Оттаму велат дека тој претходно имал ставови против употребата на името Северна Македонија, најавувал укинување на Преспанскиот договор и застапувал позиција за членство во Европската Унија без право на глас, додека сега за залага за полноправно членство.
„Човек чиј принцип беше никогаш Северна Македонија. Човек кој принципиелно ветуваше дека прво ќе го укине Преспанскиот договор. Човек кој до вчера ја заговараше теоријата на Вучиќ за членство без право на глас, а денес вели дека е само решение кое води кон полноправно членство. Тоа ли се тие принципи, додека СДСМ од почеток зборуваше само за полноправно членство“,
велат од СДСМ.
Според партијата, премиерот има различни позиции дома и во странство и посочуваат оттаму дека неговите ставови за НАТО, Преспанскиот договор и односите со меѓународните партнери се менувале.
„Мицкоски повторно ја обвинува Европа за ‘булинг‘. Постојат двајца Мицкоски. Еден во Македонија. Друг во странство. Еден беше против НАТО. Другиот тврди дека најдобрата работа за Македонија, додека носи безбедност на граѓаните и сигурност на инвеститорите (кои ги истера – инвестициите паднаа за повеќе од 60 отсто). Еден ветуваше дека ќе го укине Преспанскиот договор. Другиот денес вели дека Преспа е ремек-дело на дипломатијата.“,
додаваат оттаму.
Порано, како што велат од партијата, Мицкоски ја нарекувал опозицијата за предавничка, а денес е претседател на промакедонска партија, оти, според СДСМ, не може да биде македонска бидејќи мнозинството функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат бугарски државјанства и фирми во таа земја.
„Еден зборува за САД како стратешки партнер, другиот е руски прокси-играч. Имаме двајца Мицкоски, еден за интерна употреба во земјава и друг за екстерна употреба во странство“,
стои во реакцијата.
Од СДСМ порачаа дека јавноста и граѓаните треба сами да ги препознаат принципите на премиерот.
Во поткастот, осврнувајќи се на барањата од Европската Унија, Мицкоски рече дека во целиот процес работите мора да се постават принципиелно и без двојни стандарди, а дополнително, како што рече, исто како што претходната македонска влада презела одредени обврски кон Брисел, така и Бугарија има преземено обврски за почитување на човековите права.
„Сега од нас се бара по принципот, ние сме внатре вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн., тоа да не се почитува, а ние да го почитуваме“,
вели тој.
Пристапот во кој од Македонија се бара безусловно прифаќање на условите само затоа што земјата е надвор од Унијата, Мицкоски го оцени како класичен булинг и непринципиелна политика која нема допирна точка со Копенхашките критериуми ниту со темелните европски вредности дефинирани од нејзините основачи.
„Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, тоа не ми одговара, ова ќе си го земам, тоа ќе го оставам. Не, ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите тогаш кога вас ви одговара, тогаш губите на специфичната тежина како човек“,
кажа премиерот.
Крајната цел на оваа влада, според него, е државата да стане полноправна членка на Европската Унија, а не само формално да го почне процесот со инстант или времени решенија, оти досега биле направени отстапки, како промените на знамето, банкнотите и уставното име, кои биле направени со ветување за брз влез во европското семејство, а наместо интеграција земјава сè уште стагнира.
