Според владејачката партија, СДСМ во коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Арбен Таравари го штитат градоначалникот од своите редови, кој, како што велат, не презема одговорност за состојбата со водоснабдувањето во градот
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија оти опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) се обидува политички да профитира од состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, наместо да побара одговорност од своите кадри во локалната самоуправа
Оваа реакција следува откако од СДСМ денеска побараа одговор од граѓаните дали веруваат во последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека од денеска техничката вода во Гостивар ќе може да се користи.

„СДС наместо да побара одговорност од своите поставени кадри во Гостивар, се обидува политички да профитира од скандалот со водата, кој кадри на нивната коалиција со ДУИ и Таравари, го создадоа“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму велат дека владините институции активно работат на стабилизирање на состојбата, а намалувањето на бројот на граѓани што бараат медицинска помош укажува на подобрување на состојбите.
„Деновиве се очекува да биде воспоставено редовно и безбедно водоснабдување со технички исправна вода“,
додаваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија пласира неточни и непрецизни информации, користи застарени извештаи и создава чувство на несигурност кај граѓаните, иако, како што велат, состојбата е стабилизирана во краток временски рок.
Во реакцијата се осврнуваат и на случајот со водата во Валандово, посочувајќи дека вонредните анализи ги демантирале тврдењата на СДСМ дека водата не е безбедна за пиење.
„Дополнително, и покрај нивните тврдења дека водата во Валандово не е безбедна за пиење, вонредните анализи ги демантираа тие наводи. Ова не е првпат СДС да биде демантирана со официјални факти. Сепак, продолжува со ширење лаги и дезинформации, со цел да создаде неоснована загриженост кај јавноста“,
посочија од партијата.
Го повикаа СДСМ наместо да се занимава со спинување на информациите и ширење паника, да побараат одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.
„Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи владините институции преземаат конкретни мерки за стабилизирање на состојбата, а процесот на нормализирање е при крај“,
велат од партијата.
Од опозицискиот СДСМ денеска побараа одговор од граѓаните дали веруваат во последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека од денеска техничката вода во Гостивар ќе може да се користи.
Оттаму велат дека над 4 070 граѓани во Гостивар побарале медицинска помош, а вчера се регистрирани уште 125 прегледи на лица со симптоми, при што едно дете е хоспитализирано.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера соопшти дека е во тек е процесот на хиперхлорирање на водоводната мрежа и од денеска се очекува да биде соопштено дека водата во Гостивар е технички исправна за користење.
Ја обвини опозицијата дека шири дезинформации и непотребна паника меѓу населението со стари извештаи за неисправност на водата.
