Властите предупредуваат дека високите температури и силниот ветер дополнително ја влошуваат состојбата, а пожарите продолжуваат да се шират и во други делови на Европа
Повеќе од 300 000 луѓе се евакуирани во катастрофалните шумски пожари што беснеат во Франција и Шпанија. Властите предупредуваат дека високите температури и силниот ветер дополнително ја влошуваат состојбата, а пожарите продолжуваат да се шират и во други делови на Европа.

Најтешко погодена е Франција, каде што повеќе од 220 000 луѓе се евакуирани од југозападниот дел на земјата. Само во текот на ноќта околу 55 000 жители ги напуштиле своите домови во регионот Жиронд, додека пожарот се доближил на околу 15 километри од Бордо, пренесува Би-би-си. Во гаснењето се вклучени околу 2 500 пожарникари, потпомогнати од армијата, противпожарни авиони и меѓународни екипи.
Во Франција досега изгореле околу 42.000 хектари шума, што според проценките претставува еден од најголемите пожари од Втората светска војна. Од почетокот на годината, во земјата се уништени околу 98 000 хектари шумски површини. Во пожарите се повредени најмалку 75 пожарникари, уништени се околу 240 домови, а потврдено е дека има и жртви.

Во Шпанија се евакуирани повеќе од 75 000 луѓе, додека уште околу 30 000 жители добија наредба да останат во своите домови поради опасниот чад. Пожарникарите се обидуваат да спречат спојување на два големи пожари западно од Мадрид, а во пожарите загина најмалку едно лице во близина на Валенсија.
