Макрон ја вклучи војската и побара помош од ЕУ за справување со огнот во Жиронд и Ланд, додека Мадрид прогласи вонредна состојба поради најлошиот пожар во историјата на регионот
Властите во Франција и Шпанија наредија масовна евакуација на повеќе од 220 000 лица поради разорните шумски пожари кои неконтролирано се шират во двете земји, а ситуацијата е особено критична во југозападна Франција, каде во регионите Жиронд и Ланд своите домови мораа да ги напуштат вкупно околу 200 000 луѓе.

Поради сериозноста на ситуацијата, францускиот претседател Емануел Макрон ја повика војската на помош, опишувајќи ја состојбата како многу тензична притоа потврдувајќи дека Франција го активирала механизмот за цивилна заштита на ЕУ и очекува меѓународно засилување. Според Филип де Гоневил, градоначалник на една од најтешко погодените области, регионот веќе месец и половина се соочува со екстремни временски услови, без капка дожд и со натпросечно високи температури.
„Ова е без преседан. Ниту ние, ниту пожарникарите досега не сме виделе нешто вакво“,
кажа тој.
Истовремено, во соседна Шпанија, западно од Мадрид три големи пожари се споија во еден огромен огнен фронт кој е надвор од контролата на пожарникарите.

Шпанската влада прогласи национална вонредна состојба, а покрај евакуацијата на 25 000 граѓани, издадена е наредба за уште 40 000 жители да останат затворени во своите домови. Претседателката на регионот Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо, ја оцени ситуацијата како најлошиот пожар во историјата на регионот, предизвикан од високите температури и постојани ветрови. Пожарот опасно се движи кон општините Робледо де Чавела и Фреснедиљас де ла Олива, лоцирани на само педесетина километри од главниот град.
