Наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина, вели Ѓорѓиевски
Најголемата почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен и за генерациите што доаѓаат, порача градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски по повод 63 години од катастрофалниот земјотрес. Ѓорѓиевски беше дел од делегацијата која положи цвеќе пред Споменикот на жртвите, оддавајќи почит на загинатите во трагедијата од 26 јули 1963 година.
„За само неколку секунди беа згаснати повеќе од илјада човечки животи, разурнати домови и разделени семејства. Зад секоја бројка остана нечие дете, родител, сопруг, пријател, нечиј цел свет. Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите“,
порача Ѓорѓиевски.

Нивната болка е вградена во темелите на градот, а обврската да не ги заборавиме е вечна, порача Ѓорѓиевски.
„Денес наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина. Затоа што најголемата почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен и за генерациите што доаѓаат“,
додава Ѓорѓиевски.
Скопје денеска ја одбележува 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес. Комеморативните активности почнаа на гробиштата во Бутел, каде што пред Споменикот на жртвите од земјотресот беше положено цвеќе, а вечерната програма во рамки на централното чествување посветено на жртвите од трагедијата, почнува во Музејот на Град Скопје.
Во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „63 години – Скопје ‘63“ на авторката Зоја Богдановска, која преку архивски фотографии и документи ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и спасувачките напори. Изложбата ќе стане дел од новата постојана музејска поставка.
Во 20:30 часот ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега необјавени фотографии на Васил Хаџиманов, посветени на погребните и тажачките обреди по трагедијата. Во рамки на настанот ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје радост моја“, посветен на легендарните шлагери на Драган Мијалковски. Концертот ќе започне во 21 часот кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.
Разорниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата. Трагедијата остана запаметена и како симбол на светската солидарност, бидејќи десетици земји учествуваа во обновата на градот.
