Разорниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови и 28.000 оштетени. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата. Трагедијата остана запаметена и како симбол на светската солидарност, бидејќи десетици земји учествуваа во обновата на градот
Со полагање цвеќе, изложби и концерт, Скопје денеска ја одбележува 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди градот на 26 јули 1963 година. Комеморативните активности почнаа на гробиштата во Бутел, каде што пред Споменикот на жртвите од земјотресот беше положено цвеќе.
Вечерната програма во рамки на централното чествување посветено на жртвите од трагедијата почнува во Музејот на Град Скопје. Во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „63 години – Скопје ‘63“ на авторката Зоја Богдановска, која преку архивски фотографии и документи ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и спасувачките напори. Изложбата ќе стане дел од новата постојана музејска поставка.
Во 20:30 часот ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега необјавени фотографии на Васил Хаџиманов, посветени на погребните и тажачките обреди по трагедијата. Во рамки на настанот ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје радост моја“, посветен на легендарните шлагери на Драган Мијалковски. Концертот ќе започне во 21 часот кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.

Разорниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата. Трагедијата остана запаметена и како симбол на светската солидарност, бидејќи десетици земји учествуваа во обновата на градот.
