Министерот за надворешни работи и надворешна трговија вели дека Владата во соработка со локалната власт во претстојниот период ќе работи ангажирано на сите забелешки, но смета дека задржувањето на статусот на УНЕСКО не треба да значи назадување, туку туристички, економски и социјален развој на Охридскиот Регион
Сметаме дека воспоставивме јасен план, имаме јасна меѓусебна координација и јасни насоки за тоа што треба да се направи – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски коментирајќи ја одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да го задржи Охридскиот Регион на листата на светско природно и културно наследство, давајќи ѝ на земјава рок од пет години за спроведување на препораките.
Сега, вели Муцунски, за разлика од минатото, земјава по првпат добива подолг период и можност за спроведување на препораките и отстранување на дел од состојбите за кои има забелешки.

„Има заклучоци што се определени од страна на експертскиот сегмент на УНЕСКО, кои се поврзани со повеќе прашања како урбанистичко планирање, заштита на животна средина. Така што, рамката за тоа што треба да се направи ни е јасна. Имаме јасни насоки за тоа што треба да се направи и засилена комуникација. Тоа што нам ни дава импулс е дека одлуката што се донесе ни дава еден подолг период во однос на минатото да постапиме, а секако во рамки на тој период имаме циклични обврски за известување“,
изјави Муцунски на денешната прес-конференција посветена на одлуката на Комитетот на УНЕСКО.
Министерот вели дека Владата во соработка со локалната власт во претстојниот период ќе работи ангажирано на сите забелешки, но смета дека задржувањето на статусот на УНЕСКО не треба да значи назадување, туку туристички, економски и социјален развој на Охридскиот Регион.
„Тоа што овој регион го има статусот на УНЕСКО не значи дека треба да назадува. За ова прашање разговаравме и со земјите кои се членки на Комитетот и кај нив има разбирање дека статусот на УНЕСКО истовремено не треба да наштети на развојот на Охрид и Охридскиот Регион. Тука зборувавме за прашања поврзани со клучни инфраструктурни проекти како дел од Коридорот 8 кој поминува низ дел од тие реони“,
изјави Муцунски.
На прашањето кои од препораките ќе бидат во фокус во наредниот период, Муцунски вели дека дел од мерките се спроведени во последната година. Вели дека централната и локалната власт ќе работат на сите забелешки, а како еден од најзначајните го спомена сегментот поврзан со урбанистичкото планирање.
Во однос на забелешките за дивоградбите во Охридскиот Регион, министерот вели:
„Тука има конкретни предмети кои треба еден по еден да се решаваат. Тоа се прашања кои се со споделена надлежност до некоја мера помеѓу централната и локалната власт. Ако мене како министер ме прашате, а верувам дека тој е ставот и на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба не само во Охрид – таа треба да биде отстранета на соодветен и законски начин.“
Според Муцунски, одлуката на Комитетот на УНЕСКО да го задржи Охридскиот Регион на листата на светско природно и културно наследство е значаен дипломатски успех за земјава.
