Според Центарот за јавно здравје – Прилеп при редовна контрола на градскиот водовод во Крушево било утврдено отсуство на резидуален хлор во водата, како и бактерии од цревно потекло
„На жителите на град Крушево им се препорачува за пиење да користат пакувана вода, додека водата од градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови можат да ја користат само после превривање од минимум 10 минути“, се вели во соопштението на ЦЈЗ – Прилеп
Водата од градскиот водовод на Крушево да не се користи за пиење бидејќи е бактериолошки неисправна, соопштија денеска од Центарот за јавно здравје – Прилеп.

Оттаму информираат дека при редовната контрола што ја направиле во градскиот водовод во Крушево било констатирано отсуство на резидуален хлор во водата како и бактерии од цревно потекло. За ситуацијата, се додава во соопштениеот, денеска (23 јули 2026 година) биле известени надлежните институции во државата, како и надлежните во Јавното комунално претпријатие „Комуна“ – Крушево.
„На жителите на град Крушево им се препорачува за пиење да користат пакувана вода, додека водата од градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови можат да ја користат само после превривање од минимум 10 минути“, се вели во соопштението на ЦЈЗ – Прилеп.
Препораките, наведуваат оттаму ќе важат сè до добивање на три последователни исправни примероци на водата, а во меѓувреме Центарот за јавно здравје – Прилеп ќе биде во постојана комуникација со надлежните институции и ќе ги информира жителите на Куршево за ситуацијата.
Дополнително од ЦЈЗ – Прилеп ги информираат жителите на Крушево дека испитувањата на примероците од вода земени пред три дена, односно на 20 јули од крајпатните чешми кај Бензиска пумпа и „Св. Петка“, покажале дека водата од нив е бактериолошки неисправна и не смее да се користи за пиење.
Известувањето на Центарот за јавно здравје Прилеп го пренесе крушевското Јавното комунално претпријатели „Комуна“, од каде исто така, препорачуваат жителите на градот да кристат пакувана вода, додека онаа од градскиот водовод може да се користи како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење садови само после привривање од минимум 10 минути.
Од ЈП „Комуна“ – Крушево, во соопштението велат дека се врши редовно хлорирање на водата и секојдневно се врши контрола на присуството на хлор.
За потсетување, вчера беше соопштено дека за пиење не смее да користи водата од градскиот водовод во Валандово, поради зголемено ниво на арсен. Од тамошното јавно претпријатие „Комунален сервис“ наведоа дека таа може да се употребува само како техничка вода.
Информациите за бактериолошки несиправна вода од градските водоводи во Валандово и Куршево доаѓаат по скандалот со загадувањето на водата во Гостивар.
Инаку, денеска лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче на прес-конференција побара итен вонреден надзор и анализи на сите водоснабдувачки системи во државата. Според него случајот во Гостивар не е изолиран, туку, како што кажа, станува збор за системски слабости и неефикасност и рече оти има сознанија дека и на други места низ државата има проблеми со водата, а институциите не реагираат.
