Прашан како е задоволен од средбата со дистрибутерите, производителите и трговците и дали има основа за активирање мерки, тој потсети дека Владата веќе реагирала со намалување на дел од акцизите за бензините и дизелот, но со оглед на глобалните случувања, пред државата следат предизвикувачки денови

Намалувањето на ДДВ за горивата е една од опциите што Владата ги разгледува за да им излезе во пресрет на граѓаните, иако тоа директно би влијаело врз приходите во буџетот, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Според премиерот, фокусот мора да биде ставен врз заштитата на стандардот на граѓаните, особено во услови кога цената на нафтата повторно се доближува до психолошката граница од 100 долари за барел поради интензивирањето на воените дејства во Заливот.
„Намалувањето на ДДВ е можеби најмалку посакувана опција од аспект на тоа што сите зборуваат за расходите од буџетот, а никој за приходите. Тоа директно би удрило врз приходите, но нас ни е важен стандардот на граѓаните и како Влада сакаме, секогаш кога е потребно, да им излеземе во пресрет. Една од опциите е и таа“,
истакна Мицкоски.
Прашан како е задоволен од средбата со дистрибутерите, производителите и трговците и дали има основа за активирање мерки, тој потсети дека Владата веќе реагирала со намалување на дел од акцизите за бензините и дизелот, но со оглед на глобалните случувања, пред државата следат предизвикувачки денови.
Владата во моментов прави анализи дали следните чекори ќе бидат таргетирани или генерални мерки, при што премиерот нагласи дека постои целосна правна основа за интервенција:
„Имаме основ за дејствување. Прогласивме кризна состојба на целата територија на државата до октомври и ги имаме сите правни механизми за да преземеме чекор“,
рече премиерот.
Инаку, во понеделникот Собранието донесе одлука за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври.
Потоа Владата донесе одлука за намалување на акцизите на бензинот и дизелот, а со цел да се амортизира дел од ценовниот раст.
Амортизирањето, всушност, значи зголемување на малопродажната цена на бензините од околу 3 денари по литар и за околу 6 денари за дизел-горивата, наместо повеќе.
