Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислење, вели министерот за здравство Сашо Клековски
Професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија д-р Никола Пановски, вели дека сега, министерот Клековски треба да ги предупреди медиумите да не му бараат изјави
Инаку, вчера, и претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој патем е неврохирург, побара итно објавување на сите анализи и предупреди на сериозни здравствени последици доколку угостителските објекти користат неисправна техничка вода, како појава на труење со храна и Хепатит А

Министерот за здравство Сашо Клековски ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ сите доктори кои не се епидемиолози и инфектолози, а кои активно ја коментираат состојбата во Гостивар. Тој бара граѓаните да ги следат исклучиво официјалните информации и препораки во врска со состојбата со водата за пиење во Гостивар.
„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали. Ние постојано ја следиме состојбата. Во анализата на микробиолошката и вирусната состојба е вклучена и Инфективната клиника која има најширок панел на бактерии и вируси што може да се контролираат, нема вирус кој не може да биде детектиран. Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна. Не се утврдени агенси кои би предизвикале промена на клиничката слика после оваа ситуација. Од она што јас го имам видено како резултати, тоа се вируси и бактерии кои даваат веднаш клиничка слика, како што ја имаме со стомачни проблеми и треска“,
вели Клековски.
Одговорот на Клековски уследи по новинарско прашање за ставовите на дел од експертите кои укажале дека може да се очекува нов бран на пациенти после еден месец со оглед на тоа што период на инкубација на вирусите е различен. Неговата изјава може да ја слушнете на видеото во продолжение.
Професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија д-р Никола Пановски, кој ги следи случувањата во Гостивар од самиот почеток и прв кажа дека има услови за прогласување на епидемија во градот, вели дека сега, министерот Клековски треба да ги предупреди медиумите да не му бараат изјави.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, Слободен печат и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат“,
објави Пановски.
Микробиологот наведе и какви совети дал досега во однос на епидемијата во Гостивар.
„Мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи 2 дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат ‘хипотетично’ за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“,
возврати Пановски.
Инаку, вчера и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој патем е неврохирург, побара итно објавување на сите анализи и предупреди на сериозни здравствени последици доколку угостителските објекти користат неисправна техничка вода, како појава на труење со храна и Хепатит А.
