Еден пациент е веќе опериран во текот на ноќните часови, со скршеница во предел на шаката. Има уште еден пациент кој е странски државјанин, турист, а е повреден при пад на дрво, во пределот на карлицата, но не изискуваше оперативен третман, вели Настов
Дваесет и две лица повредени во невремето што вчера го зафати главниот град побарале помош во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” во Скопје, информира директорот на болницата Небојша Настов. Двајца од нив, како што рече, биле примени на болничко лекување, додека другите се со полесни повреди.
„Еден пациент е веќе опериран во текот на ноќните часови, со скршеница во предел на шаката. Има уште еден пациент, кој е странски државјанин, турист, а е повреден при пад на дрво, во пределот на карлицата, но не изискуваше оперативен третман“,
рече Настов.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека единаесет пациенти биле примени на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Тројца од пациентите имаат потешки повреди, а осуммина се со полесни.
Клековски додаде и дека во тек се проценки на штетите во здравствените установи, особено во Клиничката болница Штип и ГОБ „8 септември“, каде што се откорнати дел од кровните конструкции.
„Имаме паднати дрвја и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но без повредени. Во Психијатриската болница во Бардовци исто така нема повредени. Таму имаше и неколкучасовен прекин на струјата, кој е веќе отстранет. Има значителни штети и на кровната конструкција во Клиничката болница во Штип. Благодарение на брзата интервенција на градоначалникот Иван Јорданов и на директорот на болницата, штетите се веќе санирани и се работи на нивна проценка. Има штети и на кровната конструкција на ГОБ „8 Септември“. И Клиничката болницата и ГОБ „8 Септември“ се осигурани, така што осигурителните компании веќе работат на проценката на штетите и веднаш потоа ќе се реагира за да се обезбеди непречено работење на болницата“,
рече Клековски.

Директорот на болницата Синиша Стојаноски во писмена изјава за „360 степени“ потврди дека се оштетени кровот и кровната конструкција на објектот, но вели дека се чека увид од надлежните служби бидејќи и тие самите не го знаат целосниот опсег на материјалната штета која е предизвикана во невремето.
Во меѓувреме, уверува Стојаноски, болницата работи непречено со целосен капацитет.
Силното невреме што вчера ја зафати земјата, и беше проследено со ветер, дожд и поројни врнежи предизвика големи материјални штети низ целата држава. Пријавени се паднати дрвја, оштетени покриви и возила, прекини во снабдувањето со струја и вода, а сите надлежни служби и противпожарни екипи се на терен, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Преку единствениот број за итни повици 112 по 17 часот биле регистрирани над 9 000 повици од граѓани, од кои најголемиот дел се однесуваат на последиците од силниот ветер и врнежи.
