Повикувајќи ги сите советнички групи да ја поддржат иницијативата, од Левица велат дека во услови на предизвикани значителни штети врз домови, возила и друг имот на граѓаните, Град Скопје има обврска да обезбеди итна финансиска поддршка за граѓаните кои претрпеа штети
По вчерашното невреме во главниот град, опозициската Левица најави дека нејзината советничка група во Град Скопје ќе иницира вонренна седница на Советот со единствена точка на дневен ред – формирање фонд за обештетување на граѓаните за штетите предизвикани од невремето на територијата на Град Скопје.

Повикувајќи ги сите советнички групи да ја поддржат иницијативата, од Левица велат дека во услови на предизвикани значителни штети врз домови, возила и друг имот на граѓаните, Град Скопје има обврска да обезбеди итна финансиска поддршка за граѓаните кои претрпеа штети.
„Покрај иницијативата за формирање фонд за обештетување, советничката група на Левица ќе побара на Комисијата за безбедност при Град Скопје да се отвори расправа за мерките што ќе бидат преземени за превенција и справување со вакви елементарни непогоди во иднина, ќе предложи и конкретни мерки за воспоставување поефикасен систем на превенција, рано предупредување и координација на надлежните служби“,
велат од Левица.
Партијата обвини дека последиците од невремето дополнително укажуваат и на негрижата и игронатскиот однос на надлежните институции во однос на барањата за кастрење и отстранување на опасни дрва во градот, како и на неподготвеноста на градските јавни претпријатија за одговор на кризната состојба.
