Според информациите на Министерството за внатрешни работи, меѓу оштетените објекти се претседателскиот комплекс Вила Водно, објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство
Силното невреме што вчера попладне го зафати Скопје, освен што собори повеќе дрва и семафори, оштети возила и покриви на згради, зад себе остави штети и на витални објекти во главниот град.

Според информациите на Министерството за внатрешни работи, меѓу оштетените објекти се претседателскиот комплекс Вила Водно, објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Додаваат дека во невремето се регистрирани значителни последици и на скопскиот аеродром, каде што поради поради протекување на кровот, излезот од државата беше во прекин околу час и половина.
„Невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде што до 22:00 часот се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица. Се преземаат мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните, расчистување на последиците и непречено одвивање на сообраќајот и другите јавни функции“,
информираа синоќа од МВР, додавајќи дека се постапува по сите пријави поврзани со последиците од невремето.
Освен во Скопје, штети од невремето се пријавени и во останатите градови.
„Во Куманово се пријавени девет оштетени возила и три оштетени кровови, во Тетово три оштетувања на возила и две оштетувања на кровови, во Велес се пријавени две оштетувања на возила предизвикани од паднати дрвја. Во Струмица пријавени се паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица. Во Битола не се регистрирани значителни последици. На подрачјето на Штип регистрирани се 14 оштетувања на возила и шест оштетувања на кровни конструкции“,
соопштија вчеравечер од МВР.
Регистрирани се и штети на дел од привремените објекти за сместување на мигранти во Транзитниот центар Табановце како шатори и помошни објекти.
