Одлуката која опфаќа увоз вреден околу 20 милијарди долари стапува во сила на 19 август, а канадскиот премиер Марк Карни го повика американскиот претседател Доналд Трамп на дополнителни разговори
Белата куќа објави дека воведува нови царини од 50 отсто на голем број производи од Канада, потег кој дополнително ги заострува трговските односи меѓу САД и еден од нивните клучни партнери. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир информираше дека новите финансиски оптоварувања ќе опфатат канадски увоз вреден околу 20 милијарди американски долари, а мерката е предвидено да стапи на сила на 19 август, точно 30 дена откако претседателот Доналд Трамп ќе го потпише указот.

Вашингтон ја нарече ваквата одлука директен одговор на дискриминаторската, нерамноправна и неоправдана царинска политика која ја спроведува Канада и оти основната цел е преку овие царини да ги подобри условите за извоз на автомобили кои се произведени во Соединетите Американски Држави. Оваа мерка е само најнова во низата ескалации во трговскиот спор меѓу двете соседни земји, имајќи предвид дека Трамп и во текот на својот втор мандат ги користи царините како главно оружје, континуирано обвинувајќи ги Канада и другите партнери за нетранспарентни трговски односи.
Канадскиот премиер Марк Карни во својата синоќешна реакција нагласи дека ова е последна во низата еднострани мерки на САД кои претставуваат директно кршење на Договорот меѓу САД, Мексико и Канада и рече дека Отава не ја затвора вратата за дипломатија и е подготвена за дополнителни разговори со Вашингтон за надминување на ситуацијата. Дополнително, кажа дека Канада веќе доставила конкретни предлози за решавање на спорот и изрази подготвеност за дополнително интензивирање на дијалогот со американската администрација.
