Премиерот рече и оти како влада направиле сè што може да се направи за да се олесни животот на гостиварци со снабдување на вода и очекува денес да бидат дистрибуирани нови 60 000 литри вода
За сè ова што го правиме во Гостивар, дел од ингеренциите се под надлежност на локалната самоуправа, но кога кај нив има летаргија мора да се реагира како влада, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски за состојбата во Гостивар откако во општината беше прогласена епидемија на гастроентеритис.

Тој рече оти како институции во рок од два дена се мобилизирале за да се справат со состојбата и оти утринава бил брифиран од Институтот за јавно здравје оти сè што е класифицирано како нивна ингеренција е завршено и предадено до Обвинителството, а сега токму тие се на потег да излезат со квалификација.
„Вчера преземавме чекор да обезбедиме 50 000 литри флаширана вода и така ќе бие секој ден, вчерашните количини се поделени утринава, а денес очекувам нови три шлепери со околу 60 000 литри вода кои ќе бидат дистрибуирани“,
изјави премиерот
Мицкоски вели оти очекува од денес јавното претпријатие „Комуналец“ во Гостивар да започне со чистење на системот за да се обезбеди техничка вода за граѓаните, оти сегашните препораки од ИЈЗ се оти таа не треба да се користи и додаде дека морална одговорност треба да поднесат сите од прв до последен во Општината, но и оти сега Обвинителството ќе треба да испитува. Во однос на тоа дали ќе се прави ревизија на изградбата на водоводот во Гостивар, оти проектот бил завршен пред само една година, Мицкоски рече дека сè ќе се анализира.
„Сигурно има надзор кој потпишал извештај, согласно Законот за градење мора да има надзор, така што сè едно по едно ќе се анализира, што се однесува од институциите од Владата за два дена се преземени сите мерки, дел не се во наша надлежност, но кога таму има летаргија моравме да реагираме“,
заклучи Мицкоски.
