Највпечатлива аномалија беше коњот Букефал кој имаше една вишок нога, додека Воинот на коњот, наместо класичен антички шлем беше прикажан со чудно наглавена капа која аналитичарите и граѓаните ја опишаа како „капа на отомански бег“
По бурата од реакции, критики и потсмев билбородот „Добредојдовте во Скопје“ кој беше поставен на источниот влез на градот е тргнат. Неофицијално, билбордот ќе се замени со нов на трошок на компанијата која го изработила ненамерно згрешеното визуелно решение а корекцијата нема да биде на товар на граѓаните.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред само два дена во објава на социјалните медиуми се пофали дека со билбордот влезот на Скопје се разубавува, нагласувајќи дека тоа се прави „со љубов, внимание и посветеност, затоа што секој детал е важен кога градиме град со препознатливо лице и топла душа“.
Сепак, излезе дека илустрацијата има сериозни грешки и дека дизајнот содржи аматерски пропусти својствени за лошо конфигуриран генератор на слики со вештачка интелигенција.
Највпечатлива аномалија беше коњот Букефал кој имаше една вишок нога и тој стана главен предмет на шеги на социјалните мрежи. Воинот на коњот, наместо класичен антички шлем беше прикажан со чудно наглавена капа која аналитичарите и граѓаните ја опишаа како „капа на отомански бег“ или лик од евтин цртан филм.

Камениот мост беше неприродно издолжен и му беа додадени најмалку четири лакови повеќе од реалниот објект. Големиот верски објект во позадината имаше куполи кои директно потсетуваат на српскиот православен храм „Свети Сава“ во Белград, наместо на Соборниот храм во Скопје а околу Скопската тврдина беа вметнати густи дрвја какви што воопшто не постојат во центарот на градот.

Овој визуелен дебакл според критичарите се случува во период кога Скопје треба интензивно да се подготвува за Европска престолнина на културата во 2028 година. Тие обвинуваат дека наместо професионално претставување со ангажман на вистински македонски дизајнери и уметници, градот се брука со евтин „дигитален кич“.

Пред денеска да биде тргнат билбордот, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и службите на Град Скопје во текот на вчерашниот ден не дадоа никаква изјава ниту коментираа која фирма го изработила платното, колку чини неговото поставување и кој го одобрил поставувањето.
