Овој билборд сведочи за примитивен вкус и целосно отсуство на професионални стандарди. Скопје не ја доби европската културна титула за да биде претставувано како евтина компјутерска мешавина од туѓи храмови, измислени тврдини и мутантирани коњи
Политичката партија Левица реагира дека на новиот билборд за „Добредојдовте во Скопје“ што синоќа беше поставен на источниот влез на градот коњот Букефал од споменикот „Воин на коњ“ е со пет нозе, додека црквата е непозната за скопјани и наликува на храмот Св.Сава од Белград.
„Содржината наликува на халуцинација на алгоритам што добил нејасна наредба да нацрта нешто балканско, старо и монументално. Букефал има пет нозе. Камениот мост е растегнат до бескрај и опремен со барем четири аркови повеќе од реалното. Скопското Кале е заменето со непозната тврдина. Александар Македонски носи капа како некаков бег. Наместо автентична црква, се појавува изобличена варијанта на белградската Св. Сава. Околу нив се распоредени и дополнителни архитектонски измислици како и дрва кои веројатно низ цело Скопје ги нема толку, а не пак во центарот на градот. Скопје не ја доби европската културна титула за да биде претставувано како евтина компјутерска мешавина од туѓи храмови, измислени тврдини и мутантирани коњи. Овој билборд сведочи за примитивен вкус и целосно отсуство на професионални стандарди. На градоначалникот можеби му изгледа убаво. Но човек кој во оваа карикатура го препознава Скопје, очигледно многу подолго го гледал градот преку партиски соопштенија отколку со сопствени очи“, велат од Левица.
Скопскиот градоначалник вчера на социјалните мрежи објави видео во кое се пофали дека на влезот во Скопје е поставен билборд со кој на гостите во градот им се посакува добредојде.
„Скопје го разубавуваме со љубов, внимание и посветеност, затоа што секој детал е важен кога градиме град со препознатливо лице и топла душа“, пишува во постот на Фејсбук профилот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Според Левица, на тоа место постоел запуштен билборд за кои тие веќе реагирале, но сметаат дека отстранувањето на претходната руина не е алиби за поставување дигитален кич кој за нив е само уште една нова визуелна брука.
„Токму во период кога Скопје треба сериозно да се подготвува за една од најзначајните европски културни титули, неговиот градоначалник го рекламира преку визуелен фалсификат. Наместо да ангажира стручни лица или барем некого што еднаш прошетал низ центарот, кабинетот прифатил производ кој би паднал и на најповршна проверка“, реагираат од Левица и бараат од градоначалникот да одговор кој го изработил ова дело, кој го одобрил и колку е платено за него.
