Лазаров, по кого се трагаше со централна и со меѓународна потерница, според полициските иформации, е лишен од слобода на територијата на Скопје, по што е спроведен во полициската станица „Кисела Вода“ за понатамошна постапка
Неговото бегство од полициската станица во саботата го обелодени опозицискиот СДСМ, од каде што деновиве упатија серија обвинувања до МВР, министерот Панче Тошковски и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со случајот
Полициски службеници вчера го лишиле од слобода 41-годишниот кочанчанец Александар Лазаров кој се бараше со централна и меѓународна потерница откако избега од полициската станица во Кочани, каде што бил приведен поради сомненија за трговија со дрога.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) утрово соопштија дека Лазаров бил приведен од полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје по добиени оперативни информации. Според информации од полицијата тој бил лоциран и лишен од слобода на територијата на главниот град, по што е спроведен во полициската станица „Кисела Вода“ за понатамошна постапка.
„На 14.07.2026 по добиени оперативни информации за лице за кое од страна на МВР е распишана централна и меѓународна потерница, од страна на полициски службеници од СВР Скопје-Потраги од слобода е лишен Александар Лазаров (41) од Кочани. За Александар Лазаров беше распишана потерница по барање на Основен суд Кочани осомничен за сторено кривично дело по член 215 став 1 од Кривичниот законик. Лицето е спроведено во Полициска станица Кисела Вода за понатамошна постапка“,
се наведува во соопштението од МВР.
Инаку, бегството на Александар Лазаров во саботата го обелодени опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде што соопштија дека лице приведено за трговија со дрога успеало да избега од полициската станица во Кочани. Од опозициската партија тогаш посочија дека станува збор за наркодилерот А. Л. викан Цуната, кој, според СДСМ, се поврзува и со т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Партијата упати и серија обвинувања до МВР и до ресорниот министер Панче Тошковски, притоа изразувајќи сомневања дека на осомничениот наводно му било дозволено да избега од полициската станица. Покрај барањата да се утврди дали имало пропусти при постапувањето на полициските службеници, од СДСМ вчера побараа и оставка од министерот Тошковски поради, како што наведоа, тоталниот распад што се случува во Министерството.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, завчера (13 јули) беше во посета на Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани, каде, како што објави, се информирал за околностите поврзани со бегството на Александар Лазаров што се случило во петокот. Шефот на БЈБ оцени дека станува збор за сериозен инцидент што ја нарушил довербата на граѓаните во полициската служба и најави целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална одговорност.
„Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност“,
изјави Јанев.
Тој додаде дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди со поддршка на повеќе централни организациски единици во БЈБ веќе спроведува темелна проверка на сите околности и на сите лица инволвирани во случајот.
Истиот ден Министерството за внатрешни работи информира дека е распишана меѓународна потерница по Александар Лазаров (41) по барање од Основниот суд Кочани, за сторено кривично дело по член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Од СДСМ, сепак, оценија дека потерницата била распишана доцна и повторно обвинија за врски меѓу осомничениот бегалец и владејчката ВМРО-ДПМНЕ.
Кети Штерјова од СДСМ вчера на прес-конференција рече дека полицијата прво дозволила осомничениот да побегне, а дури потоа презела формални чекори за негово пронаоѓање. Таа додаде дека Лазаров се поврзува со т.н. кабаре „Пулс“ и со пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја власта за заштита на лица блиски до нивните структури.
