Директорот на БЈБ посочи дека бегството на лице што им било познато на полициските служби претставува сериозен пропуст што бара целосно расчистување на случајот и утврдување евентуална одговорност
„Пораката е јасна – законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност“, рече Јанев
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска го посети Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани, каде што се информира за околностите поврзани со бегството на лицето Александар Лазаров (41) од полициската станица, каде што било приведено поради трговија со дрога.
Според него, станува збор за сериозен инцидент што ја нарушил довербата на граѓаните во полициската служба.

За посетата на полициската станица во Кочани, Јанев објави на својот фејсбук-профил посочувајќи дека таму бил заедно со дел од својот тим со цел лично да ги утврди сите детали поврзани со настанот што се случи во петокот.
Посочи дека бегството на лице што им било познато на полициските служби претставува сериозен пропуст што бара целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална одговорност.
„Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност“,
вели тој.
Одделот за внатрешна контрола, како што додаде, со поддршка на повеќе централни организациски единици во БЈБ веќе спроведува темелна проверка на сите околности и на сите лица инволвирани во случајот.
„Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес. Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност“,
рече директорот на БЈБ.

Изрази разочараност што повторно се случуваат настани кои, како што наведе, ја нарушуваат довербата на јавноста и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници, особено во регионот за кој смета дека ги извлекол поуките од минатото.
Најави дека проверките продолжуваат и дека ќе бидат преземени мерки против секој што го прекршил законот, службените процедури или ја злоупотребил довербата што му била доверена.
„Пораката е јасна – законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност“,
додаде Јанев.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираа дека е распишана меѓународна потерница по лицето за лицето Александар Лазаров (41) од Кочани, осомничено за кривично дело по член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Случајот во саботата го обелодени опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) соопштувајќи дека лице приведено за трговија со дрога успеало да избега од полициската станица во Кочани.
Преку партиско соопштение, оттаму посочија дека се работи за наркодилерот А.Л. викан Цуната, за кој наведуваат дека се поврзува и со дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски побараа да каже кој е одговорен за случајот, како и да се утврди дали имало пропусти или злоупотреби при постапувањето на полициските службеници.
Од СДСМ денеска посочија и дека меѓународната потерница по Александар Лазаров е распишана дури откако му било овозможено најпрво да избега од полициската станица, а потоа и да ја напушти државата.
„На наркодилерот Цуната, кој се поврзува и со ‘Пулс’, инаку близок до ВМРО и Миле Лефков, вчера му отворија прозорец во полициска станица, а денеска му ја кренаа рампата на граница да избега. Истото сценарио на ВМРО е веќе видено неколкупати. Сега откако го пуштија, МВР распишало потерница, каков блам, каков театар“,
велат од партијата.
Побараа одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оценувајќи дека не станува збор за обичен пропуст, туку за сериозен безбедносен скандал кој отвора сомнежи за сериозни злоупотреби.
