Донацијата од ЕУ во вкупна вредност од 700 000 евра, како што рече министерот, ќе му овозможи на Инспекторатот многу поефикасно да ја извршува својата работа и да ја покрива целата територија на државата. Новите специјално опремени возила, додава Николоски, ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура
Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) ги зголемува своите капацитети со 16 специјално опремени возила, две специјално опремени возила за следење и едно специјално адаптираното комбе кое ќе служи како контролен центар за овие 18 возила – соопшти денеска министерот за транспорт Александар Николоски, кој заедно со евроамбасадорот Михалис Рокас присуствуваше на промоција на возилата, кои се донација од Европската Унија.

Донацијата од ЕУ во вкупна вредност од 700 000 евра, како што рече министерот, ќе му овозможи на Инспекторатот многу поефикасно да ја извршува својата работа и да ја покрива целата територија на државата. Новите специјално опремени возила, додава Николоски, ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.
„Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија. Ако претходно вредните луѓе кои работат во Инспекторатот се обидуваа колку што можат да ја покријат територијата на државата, по оваа донација ќе можат целосно да ја покријат територијата и да бидат присутни буквално на секоја точка“,
изјави Николоски на денешната промоција на возилата.

Министерот оцени дека донацијата на специјално опремените возила ќе му помогне на Инспекторатот за побрз и поефикасен инспекциски надзор, подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, контрола на превозот на опасни стоки, како и контрола на автобусите и комби-возилата.
„На овој начин ќе имаме далеку поголема безбедност, но и поефикасен сообраќај. Ова е исклучително значајно имајќи предвид дека ние градиме инфраструктура, градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и уште повеќе на одржување на патиштата, затоа што еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочност“,
додаде тој.
Николоски информира дека донацијата од ЕУ не е само во форма на возила, туку и на современ софтвер за автоматско следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите во Државниот инспекторат за транспорт.
„По оваа донација имаме уште неколку чекори кои се поврзани и со останати софтверски решенија кои треба да значат подобрување на целиот сектор. Имајќи предвид дека едно од барањата во Реформската агенда е воведување т.н. интелигентни транспортни системи, ние во соработка со МВР и со Министерството за локална самоуправа, а во координација со Делегацијата на ЕУ менуваме пет закони кои ќе треба да значат воведување транспортни системи, а во соработка со Свтската банка и голем грант од 13 милиони евра од механизмот за поддршка на Западен Балкан веќе работиме кон инсталација на интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, а во следниот период ќе работиме и на Коридорот 8“,
додава Николоски.
