Партијата смета дека се работи за класична злоупотреба на безбедносниот апарат за која мора да се сноси и политичка и кривична одговорност

Опозициската СДСМ обвинува дека во Министерството за внатрешни работи (МВР) на чело со министерот Панче Тошковски се случува тотален распад.
Оттаму велат дека наводно било дозволено бегство на Александар Лазаров-Цуната од Кочани, кој во јавноста се поврзува со недозволена трговија со дрога.
Кети Штерјова од СДСМ денеска на прес-конференција рече дека полицијата прво дозволила осомничениот да побегне, а дури потоа презела формални чекори за негово пронаоѓање.
„ВМРО и Панче Тошковски завчера му го отворија прозорецот во полициската станица во Кочани, а вчера го пуштија да избега наркодилерот Цуната. Па откако го пуштија да избега, распишаа меѓународна потерница. Едно исто сценарио, веќе добро видено и познато кога се ВМРО и Тошковски во прашање“,
рече Штерјова.
Таа додаде дека Лазаров се поврзува со дискотеката „Пулс“ и со пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја власта за заштита на лица блиски до нивните структури.
„Театар и замајување на јавноста додека никој не одговара, а криминалци се пуштаат на слобода наместо да се пратат во затвор“,
додаде таа.
Според СДСМ, овој настан е дел од поширока низа пропусти и потсетија на некои настани за кои и изминатиот период говореа.
„Криминалци слободно си поминуваат преку граница, пет тони дрога исто така поминаа преку граница а никој не одговараше“,
рече Штерјова.
Партијата смета дека се работи за класична злоупотреба на безбедносниот апарат за која мора да се сноси и политичка и кривична одговорност.
Социјалдемократите побараа оставка од министерот Тошковски за излез од, како што велат, целосниот распад на МВР.
„Тошковски остана министер затоа што ги штити криминалците блиски до власта. Тошковски има многу прашања за одговарање, но пред сè треба да понесе одговорност. СДСМ бара целосно расчистување на случајот, утврдување одговорност на сите инволвирани и оставка од Панче Тошковски“,
додаде Штерјова.
Случајот за избеганиот Лазаров во саботата го обелодени опозицискиот СДСМ соопштувајќи дека лице приведено за трговија со дрога успеало да избега од полициската станица во Кочани.
Од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и тогаш побараа да каже кој е одговорен за случајот, како и да се утврди дали имало пропусти или злоупотреби при постапувањето на полициските службеници.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информираа дека е распишана меѓународна потерница по лицето Александар Лазаров (41) од Кочани, осомничено за кривично дело по член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани вчера го посети директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, каде што се информира за околностите поврзани со бегството на Лазаров. Рече дека бегството на лице што им било познато на полициските служби претставува сериозен пропуст што бара целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална одговорност.
