Во февруари годинава, Врховниот суд на САД поништи голем дел од дополнителните царини што ги воведе администрацијата на Трамп принудувајќи ја со тоа владата да им рефундира, односно да им врати пари на компаниите што ги платиле давачките
Владата на Соединетите Американски Држави (САД) досега вратила десетици милијарди долари што ги собрала од царините на увезени стоки, откако Врховниот суд на земјата ги прогласи за нелегални, покажуваат бројките од федералниот буџет објавени вчера, пренесува „Гардијан“.

Тарифите, односно даноците на увезени стоки, како што потсетува весникот, беа клучен дел од економскиот план на американскиот претседател Доналд Трамп, откако лани во јануари повторно ја презеде функцијата во Белата куќа.
Сепак, во февруари годинава, Врховниот суд на САД поништи голем дел од дополнителните царини што ги воведе администрацијата на Трамп принудувајќи ја со тоа владата да им рефундира, односно да им врати пари на компаниите што ги платиле давачките.
Според податоците од буџетот, Соединетите држави досега исплатиле 81 милијарда долари како поврат на царинските давачки во текот на оваа фискална година, која започна во октомври 2025 година. За споредба, во истиот период минатата година во рамките на оваа ставка биле исплатени пет милијарди долари.
Претставник на Секретаријатот за финансии на САД во изјава за медиумите рекол дека зголемиот износ оваа година се должи речиси целосно на одлуката на Врховниот суд, при што повеќето од повратите на средства се случиле во мај и јуни.
Американскиот претседател Доналд Трамп, минатата година, кратко по отпочнувањето на вториот мандат во Белата куќа, ги претстави царините на увезени стоки како сеопфатено решение за ревитализација на економијата на САД. Оваа економска политика, според него, требаше да доведе до враќање на фабриките во Соединетите Држави, обезбедување подобри трговски договори со странските земји и затворање на дефицитот во федералниот буџет.
Сепак, дефицитот, кој малку се намали минатата година благодарение на приходите од царини, сега повторно расте, пишува британскиот весник, и во првите девет месеци од фискалната година достигна 1,367 билиони долари, што е зголемување од два отсто.
Соединетите Држави, исто така, потрошија над еден билион долари само за плаќање на каматата на својот долг, што е зголемување од 14 проценти, додека, во меѓувреме, воените трошоци се зголемија за пет проценти поради војната на Блискиот Исток.
Тековната привремена глобална царина од 10 отсто што ја воведе администрацијата на Трамп треба да истече на 24 јули, но Белата куќа подготвува нови давачки за спроведувањето на законите против принудна работа и вишок индустриски капацитет.
