Оттаму ја обвинија власта дека се повлекла од процесот за измените на Изборниот законик и одговорноста ја префрлила врз опозицијата
Суштината на овие разговори, според партијата, е воведување една изборна единица, реформа за која сметаат дека ќе обезбеди еднаква вредност на секој глас, ќе го намали бројот на изгубени гласови и ќе овозможи Собранието пореално да ја отсликува волјата на граѓаните
Од партијата партија Левица денеска ја обвинија власта дека се повлекла од процесот за измените на Изборниот законик и одговорноста ја префрлила врз опозицијата. Најавија дека утре ќе иницираат координативна средба на сите опозициски политички партии со цел усогласување на ставовите за изборните реформи.

„Изборниот законик е еден од најважните закони во секоја демократија. ДПМНЕ ја пушти змијата во процесот – постави црвени линии околу гласањето на дијаспората, го оптовари целиот процес со тема што не беше предмет за формирање на Работната група, а потоа се повлече на страна, оставајќи ја опозицијата сама да го расплетува јазолот што самата власт го создаде. Власта не може да биде предлагач на закон, да располага со парламентарно мнозинство, а истовремено да се однесува како обичен набљудувач на процесот“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека нема да дозволат актуелната ситуација да биде нов изговор за пропаѓање на неопходните изборни реформи.
Поради тоа, Левица најавува координативна средба на опозициските политички партија, на која, како што велат, ќе се направи обид за усогласување на ставовите и изготвување заеднички предлог што ќе биде доставен до владејачкото мнозинство.
„Во понеделник иницираме координативна средба на сите опозициски политички субјекти“,
посочија од партијата.
Според Левица, суштината на овие разговори е воведување една изборна единица, реформа за која сметаат дека ќе обезбеди еднаква вредност на секој глас, ќе го намали бројот на изгубени гласови и ќе овозможи Собранието пореално да ја отсликува волјата на граѓаните.
Левица наведува дека ќе направи сè за да се изгради заедничка опозициска позиција во корист на една изборна единица.
„Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас. Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица“,
додаваат оттаму.
Премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче вчера разменија спротивставени ставови околу предложените измени на Изборниот законик.
Филипче на прес-конференција побара формирање експертска група која ќе ги разгледа измените на Изборниот законик, особено делот што се однесува на начинот на гласање на дијаспората. Според него, потребно е да се повлече спорната одредба и преку стручна дебата да се изнајде соодветно решение.
Од СДСМ изминатиот период повторуваат дека не се против правото на дијаспората да гласа, туку се против неконтролирани модели на гласање кои можат да отворат простор за изборни злоупотреби.
Мицкоски, пак, од Охрид оцени дека тоа би значело одложување на процесот. Според неговото искуство, рече дека кога се формираат групи и комисии за одредено прашање, често се губи динамиката потребна за негово завршување.
Ги повика опозициските партии да достават конкретни предлози за измените на Изборниот законик, додавајќи дека владината коалиција е подготвена да ги прифати нивните предлози за начинот на гласање на дијаспората доколку тие доставеле конкретно законско решение.
Координаторот на пратеничката група на опозициската Левица, Борислав Крмов уште минатата недела најави дека ќе го прифатат предизвикот и ќе ги повикаат опозициските партии на средба, а поканата официјално ќе ја упатат в понеделник, на 13 јули.
