Лидерот на СДСМ побара од законскиот текст да се повлече одредбата што се однесува на гласањето на дијаспората и да се формира експертска работна група која ќе ги анализира европските практики и ќе предложи соодветно решение
Премиерот ги повика опозициските партии да достават конкретни предлози за измените на Изборниот законик, додавајќи дека владината коалиција е подготвена да ги прифати нивните предлози за начинот на гласање на дијаспората доколку тие доставеле конкретно законско решение
Премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче денеска повторно разменија спротивставени ставови околу предложените измени на Изборниот законик.

Филипче на прес-конференција побара формирање експертска група која ќе ги разгледа измените на Изборниот законик, особено делот што се однесува на начинот на гласање на дијаспората. Според него, потребно е да се повлече спорната одредба и преку стручна дебата да се изнајде соодветно решение. Мицкоски, пак, од Охрид оцени дека тоа би значело одложување на процесот. Според неговото искуство, рече дека кога се формираат групи и комисии за одредено прашање, често се губи динамиката потребна за негово завршување.
Филипче го оспорува предложениот начин на гласање на дијаспората, посочувајќи дека СДСМ ја поддржува европската агенда, но нема да прифати решенија што отвораат можност за изборни злоупотреби.
„Подготвени сме и секогаш ја поддржуваме Европската агенда, но не по цена ВМРО да протне механизам со кој што можат утре да ги крадат изборите“,
рече тој.
Побара од законскиот текст да се повлече одредбата што се однесува на гласањето на дијаспората и да се формира експертска работна група која ќе ги анализира европските практики и ќе предложи соодветно решение.

„Ако го тргнат членот во кој што се менува досегашниот начин на гласање на дијаспората, и да се согласат, еве нека се формира работна група, која што доколку треба, може да разговара за некој начин соодветен, како поинаку би гласала дијаспората, да им се олесни, но не со примери какви што во Европа до сега не функционирале и ниту една европска земја тоа не го направила, иако се обидела, многу поразвиени на нас, со многу поголема контрола на системот, електронско гласење или по пошта. Еве, да го дебатираме, па во следниот период нека заклучи некој експертска работна група кој што ќе анализира примери од други земји, дали е потребно и на кој начин треба да се смени гласењето на дијаспората кај нас“,
вели Филипче.
Според Филипче, СДСМ не го блокира Изборниот законик без причина, туку има принципиелна забелешка поврзана со можноста за изборни злоупотреби.
„Тоа е нашата принципиелна забелешка и ова е нашиот принципиелен став. Не блокираме само така без никаква причина, како што тоа го правеше ВМРО со години додека беа во опозиција, бројни закони кои беа во интерес на граѓаните ги блокираа од хир. Не, нашата забелешка е принципиелна . Изборен грабеж, кражба нема да дозволиме“,
кажа тој.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, ги повика опозициските партии на одговорност и зрелост, нагласувајќи дека владината коалиција е усогласена околу Изборниот законик и дека од опозицијата очекува конкретни предлози.
Осврнувајќи се на предлогот на Филипче да се формира експертска работна група за измените на Изборниот законик и за начинот на гласање на дијаспората, посочи дека според неговото искуство, формирањето групи или комисии често значи одложување на процесот, наместо негово завршување.

„Според моето искуство, кога сакате некоја работа да не се заврши, тогаш формирате група или комисија“,
рече тој.
Посочи дека опозициските партии четири месеци учествувале во разговорите за законските измени, а потоа го блокирале процесот. Ги отфрли обвинувањата дека измените би овозможиле изборни манипулации, оценувајќи дека станува збор за изговор зад кој се крие страв од изборен пораз.
„Четири месеци работеа во парламентот, се договараа, преговараа и наеднаш кога сфатија дека треба да сработат нешто тогаш заедно со другата политичка партија во опозиција Левица одлучија да го блокираат овој процес под изговор да не им е дозволело на дијаспората да гласа, затоа што на тој начин ќе биле украдени изборите. Што во превод значи дека тие се свесни дека на следните парламентарни избори тие ќе доживеат уште еден изборен дебакл, ќе ги загубат, и следната Влада која што ќе биде повторно истата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подготвува претседателските избори коишто ќе се случат во 2029 година. Тие се исплашени дека таа Влада има можност да ги украде тие претседателски избори. Тоа значи дека Фројд работи кај нив, односно нивната потсвест, како што и тие правеле, мислат дека и ние така правиме“,
кажа тој, при денешната посета на Охрид.
Ги повика опозициските партии да достават конкретни предлози за измените на Изборниот законик, додавајќи дека владината коалиција е подготвена да ги прифати нивните предлози за начинот на гласање на дијаспората доколку тие доставеле конкретно законско решение.
„Ние имавме јасен став – опозицијата да донесе експерти и текст со методологија како би гласала дијаспората поинтензивно, и ние без да го проверуваме веднаш ќе го поддржиме. Ни тоа не го направија“,
вели премиерот.
Од СДСМ изминатиот период повторуваат дека не се против правото на дијаспората да гласа, туку се против неконтролирани модели на гласање кои можат да отворат простор за изборни злоупотреби.
Од Левица најавија дека ќе ги повикаат опозициските партии на средба, а поканата официјално ќе ја упатат в понеделник.
Во Собранието пред неколку дена пропадна уште еден обид политичките партии да се договорат за измени на Изборниот законик. За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
