Според првичните сознанија на надлежните од Општина Валандово, пожарот не е случајно предизвикан, туку постои сомнеж дека е подметнат од лице што добро го познава теренот и избира локации на кои противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат
Се апелира до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено оти таквите постапки се казниви и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина
Попладнево е пријавен пожар на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Валандово, кои работат на локализирање на пожарот.
„Кон местото на пожарот ќе бидат упатени и два ‘ертрактори’ со цел да помогнат во гаснењето“,
соопшти Стојанче Ангелов, директорот на ДЗС.

Како што велат од Општина Валандово, пожарот засега е ставен под контрола, но интервенцијата е отежната поради непристапниот терен, каде што механизацијата не може лесно да дејствува.
Според првичните сознанија, додаваат оттаму, пожарот не е случајно предизвикан, туку постои сомнеж дека е подметнат од лице што добро го познава теренот и избира локации на кои противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.

Од ТППЕ Валандово повторно апелираат до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено, потсетувајќи дека таквите постапки се казниви и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина.
„Против секое лице што ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции“,
велат од противпожарната единица.
Оттаму ги повикуваат граѓаните да пријават пожар на телефонските броеви 193 или 112.

Овој пожар следи откако пред неколку дена Општина Валандово најави засилени мерки за превенција, како и поинтензивна координација меѓу надлежните институции, засилени контроли и патроли на критичните локации.
„Апелираме за максимална внимателност и одговорно однесување на граѓаните. Превенцијата останува најдобрата заштита од пожари“,
додаваат од Општина Валандово.
Инаку, во сила е владината одлука за целосна забрана за движење во шумите, освен за лицата што поседуваат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.
