Министерот за транспорт потврди дека Градежниот факултет веќе го изработил основниот проект за македонската страна, а моментално се работи на најсложениот инженерски зафат, тунелот што ќе ги поврзува Македонија и Косово
При посетата на Општина Тетово, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, меѓу споменатите проекти кои се реализираат во оваа општина, информираше и за напредокот на проектот за патот Тетово – Призрен.

Одговарајќи на новинарски прашања, вицепремиерот истакна дека работата е во тек и дека моментално се проектира тунелот, кој ќе биде најдолг во земјата. Тој потсети дека овој проект за патно поврзување бил договорен минатата година меѓу владите на Македонија и Косово.
„Го работиме проектот, тоа е договор кој го постигнавме минатата година со Владата на Косово. Градежниот факултет веќе го сработи основниот проект – зборувам за нашата страна од проектот. Побараа дополнителни информации во делот на тунелот, неговата должина и точката на поврзување. Ние тие информации ги доставивме, имајќи предвид дека ќе имаме најдолг тунел во државата. Сега се работи на негово проектирање, бидејќи тунелите се најсложените инженерски зафати“,
изјави Николоски.
Николоски додаде дека веднаш штом завршат со проектирањето, ќе се знае точната вредност и ќе се почне да се обезбедуваат средствата, по што би почнале и со работа.
