Од ОЈО ГОКК велат дека во текот на вчерашниот ден биле извршени претреси на пет локации во Скопје, меѓу кои и на две здравствени установи

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири постапката во случајот со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала. Од ОЈО ГОКК велат дека во текот на вчерашниот ден биле извршени претреси на пет локации во Скопје, меѓу кои и на две здравствени установи.
Во акцијата се приведени три лица, од кои двајца се доктори. На предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост на вкупно четири лица опфатени со ова проширување.
Врз основа на прибраниот доказен материјал, надлежниот јавен обвинител донел наредба за истражна постапка за четири лица кои се товарат за неколку кривични дела.
Тројца осомничени се товарат за злосторничко здружување и повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.
Едно лице се сомничи за повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.
„Истрагата продолжува во насока на целосно расчистување на сите околности на случајот и утврдување на евентуална инволвираност и на други лица“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Кон крајот на април годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во посебна акција, отвори истрага против 19 лица, од кои 14 беа приведени, поради основано сомневање дека шверцувале и незаконски употребувале лекови и медицинска помагала, меѓу кои лажни ботокси и филери.
Меѓу осомничените во оваа акција, која беше спроведена од Министерството за внатрешни работи, се доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои го организирале нелегалниот транспорт и дистрибуција на лековите и медицинските помагала во земјава.
Потоа беа приведени вкупно 14 лица, а извршени беа претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и во Битола. Од МВР рекоа дека при претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хијалурон), 39 285 евра, 2 490 швајцарски франци и 26 000 денари, патничко возило марка ‘порше’, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и друго.
Од Обвинителството тогаш рекоа дека во текот на 2026 година, седум од осомничените формирале две криминални групи кон кои подоцна се приклучиле и останатите. Користејќи фирми од Битола и Скопје како параван за незаконските активности, групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, вклучително и ботокс, од Србија, Кореја и од Турција, кои потоа нелегално ги внесувале во земјава со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица.
Иако биле свесни дека лековите и медицинските помагала се увезени илегално, без одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле естетски интервенции, директно загрозувајќи го здравјето и животот на граѓаните и предизвикувајќи сериозна општа опасност.
