Андоновски додаде дека земјата има голема дијаспора, која има македонски пасоши и не е фер и не е остварување на уставното право да им се дозволи да гласаат исклучиво физички и да треба да патуваат по 5 000 или по 10 000 километри за да го остварат своето право на глас

Многу е важно да ѝ се дозволи на дијаспората да гласа. Ова се луѓе што во Македонија годишно носат над една милијарда во дознаки, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Според него, има доволно време за три години со напредокот на дигитализацијата да се тестираат вакви можности и да биде овозможено ова право за нашата дијаспора.
При денешниот престој во Прилеп и промоцијата на Центарот за дигитални услуги, Андоновски одговори на прашањето за можноста дијаспората електронски да гласа и колку реално Македонија е подготвена системски зашто опозицијата обвинува за можни манипулации.
Според него, дијаспората треба да гласа зашто вложува во земјата и ја поддржува македонската економија.
„Ова се луѓе што во Македонија годишно носат над една милијарда во дознаки, што значи дека ја поддржуваат македонската економија, ги поддржуваат своите сограѓани што живеат тука, дел од своите семејства, пријатели, отворааат сопствени бизниси“,
рече тој.
Андоновски додаде дека земјата има голема дијаспора, која има македонски пасоши и не е фер и не е остварување на уставното право да им се дозволи да гласаат исклучиво физички и да треба да патуваат по 5 000 или по 10 000 километри за да го остварат своето право на глас, и тоа двапати. Еднаш да се регистрираат, а вториот пат да го остварат своето право на глас.
Како што објасни Андоновски, предлогот е со измените во Изборниот законик да се предвиди дека до 2029 година, значи за три години, да имаме подготвен систем, во кој ќе им се дозволи, само на регистрираните лица што имаат македонски пасоши и живеат во странство, да може да гласаат онлајн.
„Ние имаме систем за дигитален идентитет, тоа е порталот услуги.гов.мк, во кој сите граѓани се регистрираат со свои лични податоци. Еднаш верификуваме дека се тие, со нивна лична карта или пасош, така што веќе ги знаеме податоците за граѓаните. Не е никаков проблем да се доразвие системот во соработка со Државната изборна комисија за да се постигне условот и да се овозможи правото на граѓаните да го остварат своето избирачко право и да гласаат. Ако има политичка волја, секако дека е можно“,
рече Андоновски.
Министерот кажадека веќе две држави во ЕУ целосно го имплементирале системот, а четири држави веќе пилотирале решенија.
„Имаме доволно време за три години со напредокот на дигитализацијата, со нашата работа, да тестираме вакви можности за да го овозможиме ова право за нашата дијаспора“,
додаде тој.
Во Собранието пред три дена пропадна уште еден обид политичките партии да се договорат за измени на Изборниот законик. За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
Од опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) велат дека не се против правото на дијаспората да гласа, туку се против неконтролирани модели на гласање кои можат да отворат простор за изборни злоупотреби.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека опозициските СДСМ, Левица и ДУИ го опструираат и го блокираат донесувањето нов Изборен законик поради лошите едноцифрени рејтинзи што, според партијата, се на ниво на статистичка грешка.
