„ВМРО-ДПМНЕ повторно јасно и гласно кажува – неформалните опозициски коалициски партии нека седнат заедно и нека се договорат, тоа што тие ќе предложат, тоа ќе прифати, само начинот на остварување на правото на глас на дијаспората да се олесни“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека опозициските СДСМ, Левица и ДУИ го опструираат и го блокираат донесувањето нов Изборен законик поради лошите едноцифрени рејтинзи што, според партијата, се на ниво на статистичка грешка.
Со оглед дека консензусот помеѓу политичките партии за носењето на овој закон со месеци се градел во работната група, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема друго оправдување за односот на опозициските партии кон ова прашање.
„Изборниот законик е дел од Реформската агенда и наместо да седнат на маса со сите политички чинители и да се постигне договор за негово носење во македонското Собрание, СДС, ДУИ и Левица избраа да блокираат и како раштиман оркестар да создадат какофонија во јавноста. Откако во Левица увидоа дека рејтингот им се намалува и не им оди како што посакуваат, со непотпишувањето на договорот за носењето на Изборниот законик, се обидуваат пред своето членство да се покажат како тврдокорни кои не прават компромис. СДС како добар препишувач, откако видоа дека Левица го блокира законот, смислија начин како да го блокираат Изборниот законик со поднесување на десет илјади амандмани, со изговор дека гласањето на дијаспората по електронски пат бил недемократски и неевропски чин. И ДУИ, да не останат покуси, се приклучува на блокирање на овој реформски закон, со свој изговор и барање сите одлуки што се носат во ДИК да бидат носени со консензус, наместо досегашниот мнозински модел“,
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Во владејачката партија сметаат дека заедничко за трите опозициски партии е тоа што се исплашени дека на следните избори им следува убедлив и длабок пораз, па сегашните постапки, според ВМРО-ДПМНЕ, не се ништо друго освен создавање алиби за изборниот дебакл.
„Друго заедничко за истите овие партии е што и едните и други прстот го вперуваат во ВМРО-ДПМНЕ, како партијата да им е крива за тоа што граѓаните не гледаат опција во нив и не ги поддржуваат нивните политики. ВМРО-ДПМНЕ повторно јасно и гласно кажува – неформалните опозициски коалициски партии нека седнат заедно и нека се договорат, тоа што тие ќе предложат, тоа ќе прифати, само начинот на остварување на правото на глас на дијаспората, да се олесни. А, опозицијата, со ваквото однесување, докажува дека за нив важен е само партискиот интерес, не и иселениците и враќањето на македонските граѓани во сопствената татковина“,
велат од партијата.
Вчера од Левица најавија дека ќе го прифатат предизвикот и ќе ги повикаат опозициските партии на средба, а поканата официјално ќе ја упатат в понеделник.
Во Собранието пред три дена пропадна уште еден обид политичките партии да се договорат за измени на Изборниот законик. За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
