Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го прифати секое решение што ќе го усогласат опозициските партии – Демократската унија за интеграција (ДУИ), Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Левица, како и блокот на Зијадин Села и Арбен Таравари – без разлика, како што додаде, дали се однесува на една изборна единица, моделот на финансирање на политичките партии или механизмите за изборни приговори
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска ги повика опозициските партии да постигнат договор за измените на Изборниот законик до 15 јули посочувајќи дека владејачкото мнозинство ќе ја поддржи секоја усогласена варијанта во која ќе биде предвидено гласање на дијаспората.

На прес-конференција во Собранието, Стојаноски информира дека работната група составена од координаторите на пратеничките групи одржала средби во саботата и во вторникот, на кои ВМРО-ДПМНЕ предложила решение за надминување на разликите околу измените на Изборниот законик.
„Денеска е петок, сè уште немаме никаков одговор на понудата што ја произнесовме, не се најавува никаква иницијатива за средба помеѓу опозициските партии. В понеделник е веќе 13 јули, крајниот рок што го имаме како држава да ја заокружиме оваа цел за да имаме 10 од 10 исполнети задачи, краен рок е 15 јули. Затоа, сметаме дека оваа тема е пресериозна за да се политизира по неа“,
вели Стојаноски.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го прифати секое решение што ќе го усогласат опозициските партии – Демократската унија за интеграција (ДУИ), Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Левица, како и блокот на Зијадин Села и Арбен Таравари – без разлика, како што додаде, дали се однесува на една изборна единица, моделот на финансирање на политичките партии или механизмите за изборни приговори.
„Сè што тие ќе стават во еден законски текст ние ќе го прифатиме, сè додека во него е вклучено гласањето на дијаспората. Даваме бланко-поддршка и веднаш ќе го потпишеме таквото законско решение“,
рече пратеникот.
Според него, разликите меѓу политичките партии за изборниот модел, финансирањето на партиите и другите прашања не треба да бидат пречка за постигнување договор, доколку се обезбеди правото на глас на дијаспората.
„Дали конкретно се работело за една изборна единица, би го прифатиле она што тие ќе го договорат. За финансирањето на политичките партии, исто така модел што тие би го договориле, ние би го прифатиле моделот за поплаки што сметаа дека треба да биде внесен, и него би го прифатиле сè додека во сето тоа е вклучено гласањето на дијаспората. Што сакаат, како сакаат, за што тие сметаат дека треба да бидат прифатени, за нас ќе бидат прифатливи, веднаш даваме бланко-поддршка, го потпишуваме тоа законско решение што тие би го доставиле до нас сè додека е вклучено гласањето на дијаспората“,
вели пратеникот.
Стојаноски повтори дека има време до 15 јули за усогласување и упати повик до опозициските партии да седнат на заедничка маса и да ги надминат несогласувањата.
Од опозицискиот СДСМ денеска соопштија дека не се против правото на дијаспората да гласа, туку се против неконтролирани модели на гласање кои можат да отворат простор за изборни злоупотреби.
На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ја излажат јавноста преку прашањето за измените на Изборниот законик и гласањето на дијаспората.
„Дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и гласа според постојниот модел. Ние не сме против тоа право, туку сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба“,
рече таа.
Предупреди дека електронското гласање без соодветни контроли, како и гласањето преку пошта без гаранции, може да претставуваат ризик за изборниот процес.
Од Левица вчера најавија дека ќе го прифатат предизвикот и ќе ги повикаат опозициските партии на средба, а поканата официјално ќе ја упатат в понеделник.
Во Собранието пред три дена пропадна уште еден обид политичките партии да се договорат за измени на Изборниот законик. За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
