„Тројца од нив имале и дипломатски пасоши и биле информирани дека можат да продолжат, но едно лице, кое било во нивна придружба и имало законски пречки на границата, не можело да патува кон Република Албанија. Во овој контекст, сите четири лица одбиле да го продолжат своето патување и се вратиле во Северна Македонија“, изјави Скендер Хита – генерален директор на албанската државна полиција

Албанските власти негираат дека вчера ги спречиле двајцата пратеници Беким Ќоку и Аднан Азизи од политичката партија Влен, заедно со заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, во намерата со дипломатски пасоши да влезат во Република Албанија.
Според генералниот директор на албанската полиција Скендер Хита граничната полиција постапила во согласност со законот додавајќи дека на тројцата службеници не им бил забранет влез во Албанија, туку имало законски пречки за четврто лице кое било со нив.
„Вчера, на граничниот премин ‘Ќафасан’ се јавија четворица граѓани со намера да ја преминат границата. Тројца од нив имале и дипломатски пасоши и биле информирани дека можат да продолжат, но едно лице, кое било во нивна придружба и имало законски пречки на границата, не можело да патува кон Република Албанија. Во овој контекст, сите четири лица одбиле да го продолжат своето патување и се вратиле во Северна Македонија“,
вели Хита.
Тој додава дека ова не е некој посебен или изолиран случај, туку секојдневна работа на граничната полиција.
„Значи, другите тројца исто така одбија да го продолжат патувањето и се вратија во Северна Македонија. Затоа, ова не е посебен или изолиран случај. Значи, ова е секојдневна работа и нема простор за паника или да се каже дека полицијата не била присутна за да ја изврши својата должност“,
изјави Хита.
За случајот реагираа од Влен и побараа од албанските власти, доколку има забрана за нивните службени лица, да достават официјални документи за тоа кој ја донел одлуката, врз која законска основа и од кои конкретни причини.
Едниот од пратениците, Беким Ќоку, кој е и координатор на пратеничката група на Влен, во изјава за медиумите рече оти не знае зошто воопшто дошло до ваква ситуација кога сите тројца функционери приложиле дипломатски пасоши. Вели дека рутински преглед, кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена.
Денеска, претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека е загрижен за постапувањето кон пратениците на граничниот премин „Ќафасан“ и очекува целосно и транспарентно разјаснување кое, како што вели, ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира односите на двете држави.
