„Пратениците се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат. Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот“, вели собранискиот спикер

Претседателот на Сoбранието, Африм Гаши, вели дека е загрижен за постапувањето кон пратениците на граничниот премин Ќафасан, по информацијата дека албанската полиција задржала на граница двајца народни избраници, Беким Ќоку и Аднан Азизи од Влен, заедно со заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.
„Како претседател на Собранието, изразувам загриженост во врска со информациите за постапувањето кон пратениците на Собранието на Република Северна Македонија на граничниот премин Ќафасан. Пратениците се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат. Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот. Имајќи ги предвид традиционално добрососедските, а пред сѐ братските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, верувам и очекувам целосно и транспарентно разјаснување, кое ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира нашите односи“,
вели Гаши.
Претходно реагираа и од Влен, од каде што побараа официјален одговор од Албанија за настанот. Оттаму соопштија оти нивните функционери биле задржани околу еден час без никакво официјално објаснување, иако сите тројца поседуваат дипломатски пасоши.
Дополнително, во соопштението се вели и оти според неофицијални информации кои им биле соопштени од страна на граничната полиција, против тројцата функционери на Влен постои забрана за влез, иако не им била соопштена никаква одлука, документ или, пак, оправдување.
Во текот на вчерашниот ден на ГП „Ќафасан“, по едночасовно чекање, полициски службеници од Албанија одбиле влез на едно лице во земјата кое патувало заедно со пратениците Ќоку и Азизи од Влен и заменик-генералниот секретар во Владата, Муртезани.
Координаторот на Влен, Ќоку, во изјава за медиумите, рече оти не знае зошто воопшто дошло до ваква ситуација кога сите тројца функционери приложиле дипломатски пасоши. Вели дека рутински преглед, кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена.
