Иако ја потврдуваат поддршката за целосната имплементација на ЕЕС, земјите бараат Европската комисија да им овозможи и по 6 септември 2026 година да продолжат да го користат вградениот механизам за итни случаи, кој според сегашните правила треба да престане да важи на тој датум
Механизмот им овозможува на граничните служби, во исклучителни околности, привремено да го суспендираат земањето отпечатоци од прсти и скенирањето на лицето на патниците со цел да се намали метежот на граничните премини, при што и натаму се евидентира секое лице што влегува и излегува од Шенген-зоната
Девет европски земји побараа од Европската комисија да ја продолжи примената на механизмот за итни случаи во Системот за влез и излез во Европската Унија (ЕЕС), оценувајќи дека сè уште постојат значајни оперативни тешкотии при неговата имплементација, објави „Политико“.

Како што пишува порталот, во заедничко писмо испратено на 7 јули до еврокомесарот за внатрешни работи, Магнус Брунер, министрите од Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија наведуваат дека првите месеци од функционирањето на системот покажале „значајни тешкотии“ кои, според нив, не смеат да се потценат.
Иако ја потврдуваат поддршката за целосната имплементација на ЕЕС, земјите бараат Европската комисија да им овозможи и по 6 септември 2026 година да продолжат да го користат вградениот механизам за итни случаи, кој според сегашните правила треба да престане да важи на тој датум.
Механизмот им овозможува на граничните служби, во исклучителни околности, привремено да го суспендираат земањето отпечатоци од прсти и скенирањето на лицето на патниците со цел да се намали метежот на граничните премини, при што и натаму се евидентира секое лице што влегува и излегува од Шенген-зоната.
Во писмото министрите бараат и писмени гаранции од Европската комисија дека оваа можност ќе остане достапна и по истекот на сегашниот рок.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека Комисијата ја поздравува „експлицитната посветеност“ на земјите за целосна примена на системот и систематска регистрација на сите патници што не се државјани на Европската Унија.
Посочи дека законската рамка веќе предвидува одредени флексибилности, вклучително и можноста за привремено суспендирање на собирањето биометриски податоци во текот на летниот период, додавајќи дека Комисијата останува во близок и конструктивен контакт со земјите членки кои се соочуваат со проблеми на одделни гранични премини.
„Постои силна заедничја волја системот да профункционира насекаде“,
рече тој, пренесува „Политико“.
Писмото е испратено во период кога аеродромите, авиокомпаниите и операторите на фериботи предупредуваат дека новиот систем предизвикува долги редици и оперативни нарушувања во екот на летната туристичка сезона.
Според индустриските здруженија, техничките и оперативните проблеми најверојатно нема да бидат целосно надминати до почетокот на септември.
Засега, Европската комисија не најавува продолжување на важноста на сегашните олеснувања по 6 септември, ниту поширока примена на механизмот за итни случаи.
Системот за влез и излез во Европската Унија (EES – Entry/Exit System) од 10 април стана целосно оперативен, со регистрирање на сите странски државјани што ги преминуваат надворешните граници на ЕУ преку копнени премини, пристаништа и аеродроми.
Овој систем, кој започна со делумна примена на 12 октомври минатата година, воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на патниците од земји што не се членки на Унијата, а патуваат за краткорочен престој.
