Премиерот предупреди дека времето брзо минува и дека доколку реформите не се завршат до средината на јули, државата ризикува да изгуби сериозни финансиски средства во вредност од над четири милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика опозициските СДСМ и Левица да се усогласат околу измените на Изборниот законик, порачувајќи дека владејачкото мнозинство ќе го прифати секој текст што тие ќе го договорат, доколку во него се вклучени препораките на ОБСЕ/ОДИХР и гласањето на дијаспората.
Одговарајќи на новинарски прашања по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, Мицкоски ги оцени последните реакции на опозицијата како „политичка гимнастика и естрада“ наменета за нивните поддржувачи. Тој потсети дека на измените на законикот се работело посветено со месеци во рамките на Собранието и дека текстот првично бил усогласен и потпишан од речиси сите партии.
„Сите пратенички групи работеа и усогласија текст. Текстот беше потпишан од сите, со исклучок на Левица, која рече – ‘ние сме за овој текст, но не сме со вас да се потпишеме заедно на овој предлог’. Потоа се појави СДСМ, која рече, ’ако тие така се однесуваат, и ние така ќе се однесуваме‘. И си најдоа причина зошто тоа да биде така. И едните и другите на отворена сцена се обидуваат од ова да направат естрада, што мене не ми се допаѓа зашто ни останува уште Изборниот законик“,
рече Мицкоски.
Тој повтори дека ставот на власта бил јасно пренесен и на вчерашната координација во Собранието.
„И денеска од оваа прес-конференција ја испраќам истата порака – договорете се, дајте ни текст и ние ќе го прифатиме, нормално, со вклучени препораки на ОБСЕ/ОДИХР и гласање на дијаспората. Еве, како тие ќе кажат, така ние ќе прифатиме. Само нека се усогласат“,
додаде тој.
Премиерот предупреди дека времето брзо минува и дека доколку реформите не се завршат до средината на јули, државата ризикува да изгуби сериозни финансиски средства во вредност од над четири милиони евра.
„Би било штета да ги изгубиме тие средства, нешто повеќе од четири милиони евра. Зошто да ги изгубиме и да не бидеме стопроцентно комплетни за сите реформи што требаше да ги испорачаме до крајот на јуни? Еве, сега велиме, имаме мала екстензија до средината на јули“,
кажа Мицкоски.
Денеска од СДСМ обвинија дека на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ не им се приоритет изборните реформи, ниту подобрувањето на Изборниот законик, туку создавање услови за изборни манипулации со гласовите од дијаспората.
Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ претходно тврдеше дека веќе постигнала договор со Левица и со Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се обидува одговорноста да ја префрли врз СДСМ.
Од партијата порачуваат дека остануваат на својот став и дека нема да поддржат решенија кои би овозможиле злоупотреби на изборниот процес, нагласувајќи дека ќе се залагаат за заштита на гласот на секој граѓанин.
Од Левица вчера порачаа дека нивната понуда е една изборна единица и дијаспората да гласа по пошта само на претседателски избори. За понуденото усогласување меѓу опозициските партии, од партијата велат дека не знаат како би се извело.
Инаку, вчера пропадна уште еден обид политичките партии во Собранието да се договорат за измени на Изборниот законик, а најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
