„Тоа денеска, на мое изненадување, беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ и кажаа дека тоа е фактички став на целата коалиција. Иако ние како партија Левица, мора да кажам, имаме едно основано сомневање дека сепак тука постои договор помеѓу политичките партии една изборна единица да не помине“, изјави пратеникот на Левица, Борислав Крмов

Една изборна единица и дијаспората да гласа по пошта само на претседателски избори. Ова е понудата на Левица за измените на Изборниот законик.
Како што изјави пратеникот Борислав Крмов по денешната средба меѓу политичките партии во Собранието, за нивното барање за една изборна единица имаат голема поддршка и меѓу граѓаните, а потенцира дека прашањето за унапредување на системот на гласање во дијаспората се појавило, како што рече, од никаде.
Крмов рече дека предлогот дијаспората да гласа по пошта само на претседателски избори бил прифатен од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Сепак изрази сомнежи.
„Од денешниот состанок, нашето компромисно решение беше – добро, во ред, во насока на демократизација на македонското општество да помине една изборна единица. Ние рековме добро, во ред, ајде како пилот-проект нека биде гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори. Тоа денеска, на мое изненадување, беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ и кажаа дека тоа е фактички став на целата коалиција. Иако ние како партија Левица, мора да кажам, имаме едно основано сомневање дека сепак тука постои договор помеѓу политичките партии – една изборна единица да не помине“,
рече Крмов.
Претходно, пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека сè што ќе договорат СДСМ, Левица, ДУИ и другите помали опозициски партии, а се однесува на барањата за една изборна единица, модел на финансирање, начин на прифаќање на поплаките и модел на изјаснување на дијаспората – тие ќе прифатат, сè додека биде прифатен нивниот став – дијаспората да може да го искористи уставно загарантираното право и да може да гласа.
За ваквиот предлог Крмов рече оти не знае како ќе се изведе усогласување на опозициските партии околу сите прашања поврзани со Изборниот законик.
„Сега ќе видиме дали повторно ќе имаме некој повик да се собереме за да разговараме. Ние имавме предлог овој процес да продолжи, значи да не се делиме ние на групи, со неформални состаноци. Ако реформскиот рок е пробиен, ако се бара за први избори на коишто ќе гласа дијаспората по пошта да бидат 2029-та на претседателски, тогаш ние апсолутно имаме повеќе од доволно време, овој процес во форматот во којшто беше во Министерството за правда, да продолжи така и во наредните денови, бидејќи не е тоа едноставна работа гласање на дијаспората, па ако сакате и една изборна единица што може да се усогласи во едно попладне со пола час муабет. Значи, тоа се сериозни работи за коишто треба месеци и месеци пеглање, разгледување на детали, безбедносни протоколи. Што значи, нема проблем зошто овој процес не би продолжил, за жал, тоа од власта беше одбиено. Јас немав впечаток дека е целосно затворен процесот“,
рече тој.
Според Крмов, Левица неколкупати на состаноците на работаната група за Изборниот законик побарала укинување на платеното политичко рекламирање. Но, рече дека штом другите партии инсистираат тоа да постои, Левица побарала поправедна распределба.
