Денеска би сакала дка кажам дека мотото ‘Посилна Европа, посилно НАТО’, според моето мислење значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија, засновани на принципи и вредности“, рече Сиљановска-Давкова во кусата изјава пред да влезе во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара, каде што ќе одржи состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади
Во пресрет на Самитот на НАТО, претседателката на Републиката синоќа присуствуваше на приемот организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која, како што објави таа на својот фејсбук-профил, биле разменети мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура
Повеќе кантијанизам отколку макијавелизам, порача претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во изјава за медиумите пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет во рамките на самитот на НАТО во Анкара, наведувајќи што значи за неа мотото „Посилна Европа, посилно НАТО“.

„Денеска би сакала да кажам дека мотото ‘Посилна Европа, посилно НАТО’, според моето мислење, значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија, засновани на принципи и вредности“,
рече Сиљановска-Давкова во кусата изјава пред да влезе во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара, каде што ќе одржи состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади.
Претседателката на државата во комплексот пристигна придружена од шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Предвидено е Сиљановска-Давкова да има обраќањсе на состанокот на Северноатлантскикот совет, на кој учествуваат шефовите на држави и влади на 32-те земји членки на НАТО.
Во пресрет на Самитот на НАТО, претседателката на Републиката синоќа присуствуваше на приемот организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која, како што објави таа на својот фејсбук-профил, биле разменети мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура.
„Во духот на сојузништвото и меѓусебната почит, со шефовите на држави и влади разменивме мислења за натамошното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство. Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста“,
напиша претседателката на државата.
Таа на Самитот ја предводи македонската делегација, во чиј состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На маргините на Самитот предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да оствари повеќе билатерални средби со шефови на делегации на дел од земјите членки на НАТО.
На дводневниот Самит во Анкара се собрани лидерите од 32-те земји членки на Северноатлантската алијанса, меѓу кои претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев, црногорскиот премиер Милојко Спаиќ и многу други.

Присутни се и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Главни теми на разговорите ќе бидат зголемувањето на инвестициите во одбраната, зајакнувањето на капацитетите за одвраќање и одбрана, идните стратешки цели на Алијансата, како и безбедносните предизвици во евроатлантскиот регион.
Лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, состојбата на јужното крило на НАТО и заканите со кои се соочува Алијансата. На крајот на самитот се очекува усвојување завршна декларација со која сојузниците ќе ја потврдат посветеноста на колективната одбрана согласно членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Во декларацијата се очекува Русија да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност, а лидерите повторно ќе нагласат дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Ќе биде упатен и повик до Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Ормускиот Теснец.
На маргините на самитот ќе се одржи и форум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој ќе учествува министерот за одбрана Владо Мисајловски. На форумот се очекува потпишување договори со компании од одбранбениот сектор вредни повеќе милијарди евра.
Покрај 32 шефови на држави и влади на НАТО, на самитот се присутни и речиси 100 министри, високи дипломати, претставници на меѓународни организации, заедно со неколку илјади дипломати, новинари и други гости.
За да помине сè во најдобар ред од безбедносен аспект, како што беше вчера соопштено, ангажирани се речиси 57 илјади припадници на безбедносните служби, меѓу кои полицајци, припадници на жандармеријата и ескперти за кибербезбедност.
