Портпаролката на Владата, Марија Митева, попладнево соопшти дека на денешната седница Владата ја разгледала и усвоила информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа оти настапил законски основ за престанок на мандатот на градоначалникот на општина Брвеница. По ова, Владата има рок од 30 дена да ја започне постапката за распишување нови избори за градоначалник
Владата наскоро ќе ја започне постапката за распишување нови избори за градоначалник на општина Брвеница по неодамнешната ненадејна смрт на Јовица Илиевски, кој на локалните избори одржани есента минатата година го доби вториот мандат да ја води општината.

Имено, портпаролката на Владата, Марија Митева, попладнево соопшти дека на денешната седница Владата ја разгледала и усовоила информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа оти настапил законски основ за престанок на мандатот на градоначалникот на општина Брвеница.
„Министерството за локална самоуправа, по претходно добиено известување од претседателот на Советот на Општина Брвеница, ја започна постапката поради настапување на законски предвидена околност што доведува до предвремен престанок на мандатот на градоначалникот по сила на закон“,
изјави Митева.
Според Законот за локална самоуправа, Министерството за локална самоуправа е должно во рок од 15 дена од приемот на известувањето да ја информира Владата за настапувањето на овој законски основ.
По ова, Владата има рок од 30 дена да ја започне постапката за распишување нови избори за градоначалник.
„Во таа насока, сакаме да ја информираме јавноста дека согласно запазените законски предвидени рокови, Владата ја усвои информацијата и донесе одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на понатамошната постапка согласно важечките прописи и важечки рокови“,
изјави Митева.
Јовица Илиевски почина на 23 јуни, на 58-годишна возраст, неполна година откако на ланските избори ја доби поддршката за уште еден градоначалнички мандат. Првиот четиригодишен мандат тој го освои на локалните избори што се одржаа во ноември 2021 година.
Веста за неговата смрт првично ја објавија локалните медиуми, а на социјалните мрежи од него се простија премиерот Христијан Мицкоски, скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, политичари, сопартијци, пријатели и познаници.
