Според партијата, исклучувањето на Албанците од највисокото меѓународно претставување испраќа погрешна порака до граѓаните, сојузниците и меѓународната јавност
Тоа, како што велат, е одраз на политички пристап во кој државата се претставува како сопственост на една етничка заедница, додека Албанците се третираат како маргинален дел од државните процеси
Од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска реагираат дека во составот на македонската делегација на Самитот на НАТО во Анкара нема ниту еден претставник од албанската заедница.

„На Самитот на НАТО во Турција, Северна Македонија се претставува со делегација без ниту еден претставник Албанец“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата оценуваат дека тоа е одраз на политички пристап во кој државата се претставува како сопственост на една етничка заедница, додека Албанците се третираат како маргинален дел од државните процеси.
„Ова е одраз на политички менталитет кој ја гледа државата како сопственост на една етничка заедница, а Албанците само како внатрешен декор“,
велат од ДУИ.
Во соопштението се наведува дека Северна Македонија е мултиетничка држава и членка на НАТО, благодарение на политичката архитектура изградена на принципите на еднаквост, соодветна застапеност и Охридскиот рамковен договор.
„Државните делегации треба да ја одразуваат реалноста на државата, а не да ја избришат“,
пишува во реакцијата.
Според партијата, исклучувањето на Албанците од највисокото меѓународно претставување испраќа погрешна порака до граѓаните, сојузниците и меѓународната јавност.
„Државата не е целосно претставена кога половина од нејзината реалност е оставена надвор“,
додаваат оттаму.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска и утре учествува на Самитот на НАТО во Анкара, каде што ја предводи македонската делегација составена од министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Таа утре ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“.
Во рамкиte на Самитот е предвидено да оствари и билатерални средби.
Нејзините активности почнуваат вечерва со присуство на свечената вечера што ја приредува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во чест на лидерите и нивните сопружници.
На самитот во Анкара учествуваат лидерите на 32-те земји членки на НАТО, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев, црногорскиот премиер Милојко Спаиќ и многу други.
Присутни ќе бидат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
