Во рамките на посетата на Катар, шефот на македонската дипломатија се сретнал и со ракводоството на „Барзан холдингс“ (Barzan Holdings), на која, пак, биле разгледани можностите за соработка во одбранбената индустрија и безбедносните технологии
Можноста за воспоставување директна авионска линија Скопје – Доха била една од темите на која министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, разговарал со раководството на „Катар ервејс“ (Qatar Airways) за време на неговата посета на заливската држава.

Покрај со раководството на една од водечките светски авиокомпании, шефот на македонската дипломатија се сретнал и со извршниот директор на компанијата „Барзан холдингс“ (Barzan Holdings), како дел од напорите на Владата за привлекување нови инвестиции, поттикнување на извозот и продлабочување на економската и трговската соработка меѓу Македонија и Катар.
„На средбата со раководството на ‘Катар ервејс’, една од водечките светски авиокомпании, министерот Муцунски ја претстави инвестициската отвореност на Владата, а се разговараше и за можностите за воспоставување директна авионска линија меѓу Скопје и Доха“,
се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во таа насока, како што посочуваат од МНР, соговорниците се согласиле дека подобрата авиоповрзаност ќе придонесе за развојот на туризмот, трговската размена, бизнис-контактите и мобилноста на граѓаните. Воведувањето директна авионска линија, дополнително, се додава, ќе придонесе и за унапредување на економската и културната соработка меѓу двете земји.

На средбата со раководството на „Барзан холдингс“ (Barzan Holdings), пак, биле разгледани можностите за соработка во одбранбената индустрија и безбедносните технологии. Се разговарало и за размена на искуства во развојот на одбранбените капацитети, модернизацијата и зајакнувањето на институционалната отпорност.
