„Според прогнозите, во Португалија и во Јужна Шпанија температурите оваа недела ќе достигнат 43 степени“, изјави регионалниот директор на СЗО за Европа

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа предупреди дека нов топлотен бран доаѓа од Атлантикот што ќе придонесе за екстремно високи температури, особено на Пиринејскиот Полуостров.
Поради итноста и сериозноста на ситуацијата СЗО свика вонреден состанок.
„Нов топлотен бран веќе се формира над Атлантикот. Според прогнозите, во Португалија и Јужна Шпанија температурите оваа недела ќе достигнат 43 степени. Франција и земјите од Бенелукс се подготвуваат за нов топлотен удар, додека делови од Централна Азија веќе се пржат на температури над 40 степени“,
предупреди регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Анри П. Клуге.
На состанокот учествуваа претставници од 41 држава членка на СЗО, Европската комисија и граѓански здруженија. Клуге истакна дека учеството на повеќе од 130 претставници е јасен знак дека државите конечно почнуваат да ги третираат екстремните горештини како вонредна јавноздравствена криза, а не само како обична временска прогноза.
Плановите за заштита од горештини спасуваат животи, но половина Европа ги нема
Прашањето беше директно – што научивме од досегашните топлотни бранови и дали сме подготвени за она што дури сега доаѓа?
„Одговорите на државите покажаа реален напредок, но и пропусти што едноставно не можеме да си ги дозволиме. Националните акциски планови за одбрана од горештините буквално спасуваат животи. Земјите што ги имаат реагираа брзо и координирано“,
истакна Клуге.
Како добри примери тој ги наведе Италија, Шпанија, Австрија, Белгија и Франција. Но, предупреди и на поразителниот факт и најголемиот пропуст во целата приказна.
„Најалармантниот пропуст е тоа што ниту половина од земјите во Eвропскиот Регион воопшто немаат национален акциски план за заштита на здравјето од екстремни горештини. Многу луѓе и понатаму воопшто не препознаваат дека се лично загрозени, дури и кога ќе се активира црвениот аларм“,
рече тој.
Црвен аларм во Шпанија
Шпанската метеоролошка агенција издаде црвен аларм за екстремни горештини во делови од три региони во Источна Шпанија, каде максималните температури би можеле да достигнат меѓу 40 и 42 степени. Црвеното предупредување, што ги опфаќа деловите на Каталонија и регионите Валенсија и Сарагоса, сигнализира висока опасност со потенцијално многу сериозно влијание врз имотот и населението.

Се очекува овој нов топлотен бран да трае до четврток. Како една од земјите што се најсилно погодени од климатските промени во Европа, Шпанија веќе е навикната на високи температури, но во последните години се соочува со сè почести и посилни топлотни бранови во текот на летото, со сè поголем континуитет. Актуелниот топлотен бран е втор ова лето, по оној во јуни што беше втор најтопол во историјата.
Шпанија, исто така, минатото лето ги доживеа најлошите шумски пожари во својата понова историја. Сè поголемата зачестеност на топлотните бранови и намаленото количество врнежи во некои области создаваат идеални услови за развој на пожари на отворено што полесно се палат кога вегетацијата и почвата се екстремно суви.
