Од партијата велат дека дополнително загрижуваат структурите вклучени во новиот конзорциум. Оттаму тврдат дека новиот договор е потпишан со конзорциум во кој учествуваат уште две компании, за кои, како што наведуваат, постојат сериозни индиции за поврзаност со структури блиски до Милорад Додик и Александар Вучиќ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение упати обвинувања на сметка на државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО и директорот Бурим Латифи во врска со работењето на компанијата, велејќи дека се случуваат апсурди што не се случајни. Од партијата реагираат на информациите дека на хрватската компанија „Далековод“ ѝ е доделен договор вреден 19,3 милиони евра за енергетско поврзување со Албанија и покрај тоа што претходно за друг проект ѝ била активирана банкарска гаранција.
Според ДУИ, активирањето на гаранцијата за претходниот проект, далноводот Скопје–Велес, покажува дека компанијата се соочувала со проблеми во реализацијата, што отвора страв дали навреме и квалитетно ќе се заврши новиот, многу поголем стратегиски проект со Албанија.
„Каква порака се испраќа до јавноста и инвеститорите ако државниот преносен оператор ги казнува изведувачите во еден проект, а го наградува истиот сектор со нов, сомнителен договор? Дали националните интереси и енергетската стабилност се ставени на страна во корист на странски или политички бизнис-интереси?“,
прашуваат од ДУИ.
Од партијата велат дека дополнително загрижуваат структурите вклучени во новиот конзорциум. Оттаму тврдат дека новиот договор е потпишан со конзорциум во кој учествуваат уште две компании, за кои, како што наведуваат, постојат сериозни индиции за поврзаност со структури блиски до Милорад Додик и Александар Вучиќ.
„А ова се случи откако МЕПСО го раскина договорот со фирмата ‘Енергоинвест’, по што оваа компанија тужи пред меѓународни судови и постои реална можност државата да плаќа милиони евра отштета за штета“,
велат од ДУИ.
Поради овие наоди, ДУИ упати јавен повик до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Јавното обвинителство и Министерството за енергетика итно да покренат независна ревизија на одлуките на МЕПСО. Бараат детална проверка на процедурите за избор на изведувач и целосно објавување на информациите за финансиските и деловните поврзаности.
„Овие аматерски и непромислени потези на Бурим Латифи ја доведуваат МЕПСО и државата во сериозен финансиски и политички ризик“,
се додава во соопштението од ДУИ.
