Оттаму бараат Љатифи јавно и транспарентно да ја објави првичната одлука на надлежниот орган, за која сметаат дека довела до губење на повеќемилионски спор на штета на државата
Демократската унија за интеграција (ДУИ) тврди дека наводната коруптивна поврзаност меѓу државното претпријатие МЕПСО и компанијата „Елнос БЛ“ од Република Српска, за која од партијата велат дека е блиска до Милорад Додик, е значително поширока и посложена од она што досега е презентирано во јавноста.
Од партијата денеска соопштија дека генералниот директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, не склучил само еден, туку два договори со компанијата „Елнос БЛ“, блиска до Додик и тоа во ист ден, што, според нив, отвора сериозни сомнежи за транспарентноста и начинот на кој се водела соработката.

„Бурим Љатифи и МЕПСО, во истиот ден, склучиле не еден, туку два договори со оваа компанија, што отвора сериозни прашања за начинот и транспарентноста на оваа соработка“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму бараат Љатифи јавно и транспарентно да ја објави првичната одлука на надлежниот орган, за која сметаат дека довела до губење на повеќемилионски спор на штета на државата.
„Во досегашните комуникации на МЕПСО и субјектот ВЛЕН, никогаш не е негирана поврзаноста што компаниите дел од конзорциумот ‘Елнос БЛ‘ и ‘Кодар eлектромонтажа‘ ја имаат со лица како Милорад Додик и Александар Вучиќ“,
велат од партијата.
Како што посочуваат од ДУИ, во одбрана на склучениот тендер се потенцира дека договорот е добиен од конзорциум предводен од хрватската компанија „Далековод“, која важи за реномирана фирма со меѓународно искуство и работа според европски стандарди.
„Сепак, во нивните образложенија останува нејасно зошто нема никаков осврт на улогата на другите две компании во овој конзорциум или дали молкот е намерен за да се избегне вистината“,
истакнуваат од ДУИ.
Сепак, според партијата, денеска е петти ден како Бурим Латифи молчи и не се изјаснува зошто неговите договори со компанијата од Република Српска довеле до штета од шест милиони евра.
ДУИ побара надлежното обвинителство да го истражи случајот, оценувајќи дека станува збор за сериозен сомнеж за злоупотреба на државни средства и милионска штета што, како што велат, паѓа на товар на граѓаните.
Владејачката коалиција ВЛЕН пред два дена реагираше на барањата на ДУИ упатени до генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, во врска со договорот со сараевската компанија „Енергоинвест“ за проектот за интерконекција со Албанија.
Од ВЛЕН тврдат дека ДУИ сега брани проект за кој, како што наведуваат, и нивни поранешни директори во МЕПСО биле на став дека треба да се раскине.
Според нив, постапката за раскинување на договорот била започната уште во период кога со претпријатието раководеле кадри од ДУИ.
