Од опозициската партија бараат генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, да одговори на три прашања во врска со раскинувањето на договорот со фирмата „Енергоинвест“ од Сараево и склучување на нов со фирма од Бања Лука, за која, според интегративците постојат сомнежи дека е поврзана со Милорад Додик
Целосно неодговорна е континуираната тишина на Бурим Латифи, кој и по три дена не дал никакво објаснување пред јавноста во врска со штетата од околу шест милиони евра што ѝ ја нанел на државата, велат од ДУИ, од каде повторно го прозваа генералниот директор на МЕПСО во врска со одлуката да го раскине договорот со саравеската компанија „Енергоивест“ и да го замени со „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“ од Бања Лука.

Поради раскинувањето на договорот, како што тврдат од ДУИ изминатите три дена, арбитражен суд, кој постапува според правилата на ФИДИК, ги отфрлил сите контрабарања на МЕПСО од 19,3 милиони евра и му признал на „Енергоинвест“ од Сараево право на отштета од шест милиони евра, кои според интегративците ќе треба да бидат платени од државниот буџет, односно од џебот на граѓаните.
Според ДУИ, она што оваа одлука ја прави уште потешка е фактот дека Надзорниот одбор на МЕПСО дал негативно мислење за овој чекор.
„Неприфатливо е за вакво сериозно прашање, кое се однесува на управување со јавни средства и институционална одговорност, да отсуствуваат транспаретност и отчетност. Јавноста има право да знае зошто е раскинат договорот со првата комапнија и кои биле вистинските причини за таквата одлука“,
се вели во денешното соопштение од ДУИ.
Од партијата го повторуваат и барањето за јасен одговор на прашањето зошто за истата работа е склучен договор со друга компанија од Бања Лука, за која, велат, во јавноста постојат сомнежи дека е блиска со политички структури од Република Српска и нејзиниот поранешен претседател, Милорад Додик.
Според интегративците, доколку овие наводи се точни, тогаш се отвораат сериозни дилеми за процесот на избор на компанијата и за тоа дали со одлуката е заштитен јавниот интерес.
Дополнително, тоа што, според јавно достапните информации, органот за решавање на спорови – ДАБ, одлучил дека Македонија треба да ѝ наплати штета од шест милиони евра на фирмата од Сараево, според ДУИ ја нагласува итноста од потребата одговорните да излезат пред граѓаните и да дадат целосни објаснувања.
Во таа насока, од ДУИ сметаат дека генералниот директор на МЕПСО и директна обврска пред граѓаните да одговори на три прашања:
„Зошто е раскинат договорот со првата компанија? Врз која основа е склучен новиот договор со компанија поврзана со Милорад Додик? Како дошло до финансиска штета од милиони евра?“,
се наведува во соопштението од опозициската партија.
Оттаму, во тој контекст, посочуваат дека транспаретноста и одговорноста се обврска, а молкот во овој случај само ги зголемува сомнежите и ја поткопува довербатана граѓаните во државните институции.
Од ДУИ, уште еднаш го повикаа Јавното обвинителство да го истражи случајот, а во рамките на своите надлежности истото да го стори и Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Одговорност мора да има и институциите без одлагање треба да постапат“,
порачуваат од Демократската унија за интеграција.
Во вчерашното соопштение, од ДУИ оценија дека Латифи, инаку братучед на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, е именуван за генерален директор на МЕПСО, врз семејна и политичка основа.
