Од ДУИ бараат Јавното обвинителство веднаш да покрене кривична истрага против Бурим Латифи за злоупотреба на службена должност и оштетување на државниот буџет, а велат дека треба да има целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат, како и итна суспензија на договорот со „ЕЛНОС БЛ“ до целосно разјаснување на околностите

Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара итен институционален одговор за тоа кој го овластил Бурим Љатифи, генерален директор на МЕПСО, да го раскине договорот со „Енергоинвест“ од Сараево и да го замени со „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“ од Бања Лука.
Според ДУИ, она што оваа одлука ја прави уште потешка е фактот дека Надзорниот одбор на МЕПСО дал негативно мислење за овој чекор.
„И покрај тоа, Бурим Латифи продолжил – газејќи го највисокиот орган на внатрешна контрола на компанијата и отворајќи ја вратата на компанија тесно поврзана со мрежата на интереси на Милорад Додик во критичната енергетска инфраструктура на Северна Македонија, земја членка на НАТО“,
се вели во денешното соопштение од ДУИ.
Последиците, додаваат од ДУИ, се тешки и документирани. Велат дека меѓународниот трибунал ДАБ, кој работи според правилата ФИДИК, ги отфрлил сите контрабарања на МЕПСО од 19,3 милиони евра и му признал на „Енергоинвест“ право на шест милиони евра отштета, пари кои интергативците велат дека ќе излезат директно од државниот буџет и од џебовите на граѓаните.
Од ДУИ бараат Јавното обвинителство веднаш да покрене кривична истрага против Бурим Латифи за злоупотреба на службена должност и оштетување на државниот буџет.
Исто така, се бара и целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат, како и итна суспензија на договорот со „ЕЛНОС БЛ“ до целосно разјаснување на околностите.
„Штета од шест милиони евра не се случува случајно. Се случува кога некој одлучува против институциите, против законот и против интересот на граѓаните. Бурим Латифи мора да одговара и заедно со него, и оние кои го овластиле”,
додаваат од ДУИ.
Од партијата, во однос на овој случај, вчера приложија и документација, како доказ за склучен договор меѓу МЕПСО и компанијата „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“.
Од ДУИ оценуваат дека Љатифи, инаку братучед на Изет Меџити, е именуван на чело на ова стратешко државно претпријатие, врз семејна и политичка основа.
