Пратениците од СДСМ алармираа дека ребалансот ги потврдува нивните првични предупредувања за лошо планирање на приходната страна, што на крајот ќе резултира со нов долг на грбот на стопанството и граѓаните
Од друга страна, пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го бранеа ребалансот нагласувајќи дека бројките се темелат на реални економски показатели кои ќе го подобрат животниот стандард

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжи расправата по предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година. Владејачкото мнозинство и опозицијата излегоа со спротивни ставови за скројувањето на државната каса – за власта тој е развоен и реален, додека за опозицијата е потврда за преоптимистички и погрешни проекции.
Пратениците од СДСМ алармираа дека ребалансот ги потврдува нивните првични предупредувања за лошо планирање на приходната страна, што на крајот ќе резултира со нов долг на грбот на стопанството и граѓаните.
Според Митко Трајчулески од СДСМ, приходите се вештачки напумпани, а буџетскиот дефицит е проектиран спротивно од законот за буџети. Трајчулески посочи дека ребалансот е проектиран на оптимистички проекции, а каматите од новото задолжување ќе изнесуваат околу 500 милиони евра.
„Овој ребаланс целосно ги потврдува тезите што ги изнесов за Буџетот за 2026 година – погрешно планирање на приходната страна, а епилогот се нови задолжувања кои ќе одат на грбот на граѓаните и на компаниите“,
рече Трајчулески.
Неговата колешка Јованка Тренчевска забележа дека има кратење на средствата за демографски проекти, за младите, борбата против семејното насилство, социјалните мерки.
„Особено е забележливо што расходите се зголемуваат со значително побрзо темпо од приходите. Додека приходната страна се ревидира за околу 4,6 милијарди денари, расходите растат за 11,6 милијарди денари. Разликата помеѓу овие две категории ќе се покрие преку дополнително задолжување, што подразбира дека поголемиот дел од новата јавна потрошувачка нема да биде финансирана од тековните буџетски приходи“,
рече Тренчевска.

ФОТО: СДСМ
И за пратеникот Благој Бочварски од СДСМ ребалансот на Буџетот за 2026 година е уште една потврда за погрешните економски политики на Владата.
Тој посочи дека животот станува сè поскап, додека Владата не презема мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Потрошувачката кошничка расте од месец во месец и дојде веќе до 70 000 денари или три минимални плати, а од друга страна имаме минимална плата којашто за првпат после седум години стагнира“,
рече Бочварски додавајќи дека залудни се обидите на Владата на граѓаните да им презентира розова слика за реалната состојба во државата.
Од друга страна, пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го бранеа ребалансот нагласувајќи дека бројките се темелат на реални економски показатели кои ќе го подобрат животниот стандард.
„Ребалансот се темели на реален раст. Овој пат не на фиктивен раст, не на раст ќе му дадеме на Димитар Ковачевски 100 милиони евра во ЕЛЕМ и тие ќе ги прикажеме како капитални инвестиции. Сега се темели на реален раст од 3,1 отсто во првиот квартал 2026 година. Дополнително, за седум години власт на СДС економијата растела во просек 1,1 отсто денес расте 3 и пол пати повеќе и тоа е добро“,
рече Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
И неговиот партиски колега Мартин Стојановски истакна дека ребалансот на буџетот обезбедува услови Македонија да продолжи по патот на економскиот раст, стабилни финансии и подобар животен стандард на сите граѓани.
„Ова е едно ново време на македонската економија која создава нови проекти, инвестиции кои носат подобри услови за граѓаните и развој во стопанството. Во исто време бележиме и раст на животниот стандард на граѓаните. Приватната потрошувачка бележи реален раст од 2,6 отсто како резултат на повисоките примања на домаќинствата. Просечната нетоплавите четири месеци е повисока за 7,8 отсто односно реални 3,5 проценти, додека пензиите се зголемени за високи 11,8 отсто. Финансискиот сектор исто така испраќа позитивни сигнали. Во мај корпоративните кредити пораснаа за 15 проценти, а кредитите за домаќинствата за 12,5 отсто. Тоа покажува дека компаниите инвестираат и имаат доверба во институциите и политиките кои се водат од страна на истите, а граѓаните имаат поголема доверба во економските движења“,
нагласи Стојановски.

Неговиот сопартиец, Жан Дрвошанов, се осврна на опозициските обвинувања, дека ребалансот се носи зашто државната каса е празна.
„Не е точно дека се прави ребаланс зашто нема пари, како што вели опозицијата. Апелирам граѓаните да бидат мирни и спокојни, да не потпаѓаат на вакви паушални констатации. Оваа Влада покажа дека се грижи за својот народ и дека домаќински управува со финансиите. Ќе има сериозни инвестиции во капитални инфраструктурни проекти кои ќе ги подобрат условите за живот“,
рече тој.
Денеска и од партијата Левица рекоа дека ребалансот што го предлага власта е финансиски неодговорен и политички разголен документ, а наместо да ги коригира слабостите, тој ги продлабочува. Оттаму рекоа дека имаат поднесено 47 амандмани кои бараат суштинска прераспределба на јавните средства кон области што, според нив, директно го засегаат животот на граѓаните како безбедност, инфраструктура, животна средина, земјоделие, домување, социјална заштита, образование, култура, спорт и институционална отчетност.
Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, го закажа продолжението на расправата за утре во 11:30 часот.
По завршување на општата расправа, во Комисијата за финансирање и буџет треба да се одржи амандманската расправа за која се поднесени 224 амандмани.
